На 16 март 2025 година Кристијан Панов го загубил својот брат во пожарот во „Пулс“, а денеска сведочеше за тоа што се случувало кобната вечер. Бил надвор кога настанал пожарот, па се обидел да се врати да го спаси брат му кој бил шанкер. Не успеал. Но, раскажа дека во „Пулс“ често биле пуштани малолетници, картите ги продавал братот на сопственикот, кој сега е меѓу обвинетите, а контрола на тоа кој има карти вршело обезбедувањето.
„Лазар од обезбедувањето пружаше помош на многу луѓе од стампедото. Не сум сигурен дали во него беше заглавен газда Деко или брат му Тодор, но и него го спасивме. Сите беа во паника и шок, сакаа да излезат, беа заглавени меѓу двете врати, а многу од нив и на скалите“, сведочеше Панов за кобната вечер пред судечкиот совет.
Сведочеа и уште три преживеани момчиња. И тие потврдија дека никогаш не добиле фискални сметки за билетите, а дека и на претходни забави била користена пиротехника. И вечерта, но и претходни вечери, имало полицајци во диското. Сите сведоци рекоа дека немале видено ПП апарати во диското, но дека кога се случил пожарот го виделе газдата Дејан Јованов како трча со таков апарат и гасне.
„Го слушнав пејачот Панчо кога кажа дека влегле полициски службеници. Кратко пред настанување на пожарот. Но, полицијата не ја прекина забавата. Имам забележано дека се вршат такви акции и порано, ми барале и мене лична карта. Имам видено и цивилни и униформирани полицајци. Надвор стоеја двајца-тројца полицајци додека луѓето бегаа, но ништо не правеа, не знам зошто“, изјави пред судот Иван Данаилов, вториот сведок на рочиштето.
На почетокот на судењето, родителите на жртвите беа опоменати да не го нарушуваат редот во судницата. Адвокатката на првообвинетиот Дејан кој е сопственик на диското, побара да ги отстранат ако гласно реагираат.
Судијката не дозволи да сведочи уште едно момче, бидејќи обвинителството не го најавило како сведок за денеска. Ваква одлука донесе по барање на адвокатите. Следното рочиште за трагедијата во која во кочанската дискотека загинаа 63 луѓе, продолжува следниот понеделник. На обвинителна клупа се 35 мина.
Билјана Николовска Тодорова
