Граѓаните добија народен правобранител. За изборот на идниот Народен правбранител Фатон Сељами денеска гласаа 89 пратеници, вклучувајќи ја пратеничката група на СДСМ и Левица, шест беа против, а од пратениците што припаѓаат на заедници што не се мнозинство, 28 беа „за“, осум „против“ од кои пратениците на ДУИ.
Сељами е дипломиран правник, магистер по правни науки, со положен правосуден и нотарски испит. Мандатот на Насер Зибери, претходник на Сељами, истече на 12 јули минатата година, бидејќи на тој ден исполнил услови за пензионирање.
Изборот следи откако институцијата остана без потписник, а по нова година и можнoста да се исплаќаат плати на вработените во канцеларијата. На денешниот избор му претходеше средба/состанок на претседателот на собранието Африм Гаши со координаторите на пратеничките групи, а критиките за неизбор беа точка и на неодaмнешната лидерска средба.
