Албанскиот премиер Еди Рама ја прифати поканата на американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Одборот за мир за Појасот Газа, меѓународна иницијатива чија цел е решавање на глобалните конфликти и активно градење мир.
Во јавна реакција, премиерот Рама објави дека Владата ја прифатила поканата и оти „вклучувањето на Албанија во оваа структура наскоро ќе биде доставено до албанскиот Парламент за одобрување, во согласност со уставните и законските процедури“.
Во писмото упатено до претседателот Трамп, Рама изразува благодарност за, како што го нарекува, „визионерското водство“ на американскиот претседател во формирањето на Комитет за мир. Според него, Комитетот за мир има за цел да биде конкретен инструмент на глобално лидерство и одговорност, а не уште еден бирократски меѓународен форум.
„Во овој дух на одржливо партнерство, Албанија цврсто стои покрај САД во сите напори за промовирање на мирот, безбедноста и конструктивниот глобален ангажман“, се наведува во пораката на Рама.
Се очекува Комитетот за мир да вклучува меѓународни лидери и клучни глобални личности, со цел да се справи и со непосредните последици од конфликтите и со длабоките структурни причини што создаваат нестабилност.
Вклучувањето на Албанија во оваа структура, според Рама, претставува чест и одговорност за земјата на меѓународната сцена. Тој вчера ги отфрли тврдењата на опозицијата и пишувањата на дел на медиумите дека Албанија треба да плати една милијарда евра за влез во Комитетот за Одборот за мир во Газа.
