СДСМ ќе поднесат резолуција во Собранието, со цел да се заштитат државните интереси и да се спречи прием на мигранти во државата.Ги повикаа сите пратеници да ја поддржат затоа што не веруваат на демантите од владата дека не се планира прием на мигранти кои ќе бидат одбиени за азил од Велика Британија. Убедени се дека таков договор постои и дека е поврзан со кредитот од шест милијарди евра. Доколку не ја поддржат, партијата најави одржување на голем народен протест.
„Дали Македонија, земја која не може да исплати плати, да одржи базичен ред дома, може да се справи со оваков наплив на мигранти? Дали економски ова може да се издржи? Одговорите сите ние ги знаеме. Затоа ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прифатат Резолуцијата. Така ќе избегнеме ‘мислевме, рековме, кој лаже, кој не лаже“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Вчера беше отворена и онлајн петиција против мигранти, на која досега се потпишани 1.399 граѓанин.
Претседателката на државата тврди дека, британскиот амбасадор во Скопје лично и потврдил дека Македонија нема да прима азиланти од Велика Британија.
„Колку што јас сум информирана од британскиот амбасадор и од Владата тоа не е точно. Мојот став е дека ако се работи за лица кои се опасност за Британија, тие се подеднакво опасни и за нас и јас сум против нивен прием. Меѓутоа она што вие сега го кажувате за резолуција, ама прашањето е за што ако ние немаме докази, бидејќи тоа што излегува во медиумите, со сета почит кон вашата професија, не мора да биде точно“, рече Сиљановска Давкова.
Повторно стигна демант и од премиерот, кој вели дека Филипче со вакви теми собира внатре-партиски поени.
„Оставам простор до пролет Венко Филипче заедно со професорот Фрчковски, заедно со Андреј Жерновски да бараат низ Македонија и да најдат мигрант кој е дел од овој договор со Велика Британија и било каков договор којшто сме го преземале и ако најдат еден јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивно да ми се извинат на мене и на граѓаните што шират паника без потреба. Мислам дека е фер“, изјави Мицкоски.
Мицкоски не сакаше да ги коментира пишувањата на британските медиуми, но потсети дека за ширење лажни вести неодамна уредник на Би-би-си мораше да си поднесе оставка.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработка: T.Д.
