Меѓународни разговори за промени во правилата на Европската конвенција за човекови права во миграциските случаи започнуваат денеска во Стразбур. Велика Британија и Данска повикуваат на модернизација на законите за човекови права за полесно справување со илегалната миграција, вклучувајќи мерки против трговијата со луѓе и создавање „центри за враќање“ за лица без право на престој во Европа.
Британскиот премиер Кеир Стармер и данската премиерка Мете Фредериксен истакнаа дека државите треба да го преиспитаат толкувањето на законите за човекови права за заштита на границите, додека критичарите предупредуваат дека ова може да ја поткопа улогата на Европската конвенција во заштита на мигрантите.
Целта е до пролет да се постигне политичка декларација за примената на Конвенцијата во миграциските случаи, што би претставувало најзначајна реформа во 75-годишната историја на Конвенцијата. Разговорите ќе се фокусираат на тешките прашања како борбата против трговијата со луѓе и правните прашања околу членот 8 за семеен живот и членот 3 за забрана на нечовечно постапување.
Велика Британија ќе настојува да го ограничи применувањето на овие права во случаите на депортација на странци без право на престој, додека истовремено ја нагласува својата посветеност на Конвенцијата како основа за мир и стабилност во Европа.
T.Д.
