Вести Свет Топ вести

По преговорите во Женева, Зеленски со порака: Путин сака легално признавање за тоа што го украде

На разговорите на високи претставници на САД и Украина во Женева бил постигнат значаен напредок кон завршување на руско-украинската војна, по интензивните дискусии за американскиот мировен план и покрај загриженоста меѓу повеќе од европските сојузници на официјален Вашингтон дека предлогот е премногу во корист на режимот на Путин.

Додека, од Швајцарија доаѓаат дипломатски пораки за постигнатиот прогрес во разговорите за американскиот план во 28 точки, претседателот на Украина, во своето обраќање до шведскиот парламент испрати јасна порака за крајната цел на Русија во овие преговори и за најголемата опасност од евентуалното прифаќање на максималистичките барања на официјална Москва.

„Работиме заедно со Соединетите држави и европските партнери и многу други да ги дефинираме чекорите кои може да ја завршат руската војна против нас, против Украина и да донесат вистинска безбедност. Има многу врева во медиумите, многу политички притисок и дури и поголема одговорност за одлуките кои се пред нас. Путин сака легално признавање за тоа што го украде, да го прекрши принципот на територијален интегритет и суверенитет. Тоа е главниот проблем. Сите вие разбирате, што значи тоа. Го бара тоа, не само од Украина, туку и од целиот свет а тоа е многу опасно“ – изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Коментарот на Зеленски  е уште една потврда за објавените детали од американскиот план за мир во Украина, кои предлагаат замрзнување на линијата во фронтот во Херсон и Запорожнија, со што Москва ќе се стекне со контрола на огромен дел од овие региони. Дополнително, планот предлага и украинските власти да се откажат од деловите во индустрискиот регион на источен Донбас, кои сѐ уште се под Украинска контрола и де факто без борба да им ги предадат на руските агресори.

Зеленски и украинците постојано предупредуваа дека откажувањето од Донбас би ја оставило Украина ранлива на руски напади во иднината и би претставувало предавство на илјадниците жртви кои неговата земја ги дала досега и продолжува да ги дава, обидувајќи се да го одбрани регионот. Исклучително тешко за Зеленски и неговата власт е сега, после сите жестоки борби, да ја оправда загубата на Донбас пред украинците.

Од друга страна,  американскиот државен секретар, Марко Рубио, ја опиша првата сесија на разговорите на високо ниво во Швајцарија како „веројатно најпродуктивната “ по враќањето на Доналд Трамп во Белата Куќа.

„Ова беше многу, многу – веројатно најпродуктивниот ден кој сме го имале за оваа тема. Можеби во целиот наш ангажман, но секако во многу долг период. Но, работата преостанува. И бидејќи ова продолжува да биде работен процес, не сакам да прогласувам победа или некаков финалитет тука.  Сѐ уште има работа која треба да се заврши. Но, денеска сме многу понапред во овој миг, отколку што бевме кога почнавме утрово и сигурно таму каде што бевме пред една недела“ -оцени американскиот државен секретар, Марко Рубио.

Рубио потврди дека разговорите сега ќе продолжат на техничко ниво и за нивниот исход треба да бидат известени и претседателите Трамп и Путин.

Официјален Кремљ потврди дека досега не го добил апдејтот на мировниот план по разговорите меѓу американските и украинските претставници. Прес секретарот на Путин, Дмитри Песков потврди дека руската страна ги следела разговорите во Женава и знае за одредени промени кои биле направени во планот кои претходно ги добија официјална Москва, но сѐ уште не добила копија од нив.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Димитриеска-Кочоска: Со ребалансот на Буџетот за 2026 повеќе пари за капитални инвестиции и стабилни јавни финансии

Дејан Дејан

(видео)Жерновски: Во која европска земја после Бугарија, има најмногу бугарски државјани во својата влада?

Дејан Дејан

Инфлација под 3 проценти, анализа на цените – Кога ќе поевтини храната?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе