Што точно се реконструира? Ова е прашањето што денеска го повторија од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), а се однесува на најавената реконструкција на владата за што разговорите меѓу владините партнери се во тек и наскоро треба да бидат познати новите решенија.
Од „Бихаќка“ велат дека реконструкцијата што ја најави премиерот Христијан Мицкоски е само нова шминка на истото старо, нефункционално и корумпирано тело, без нова политика и нова визија.
„Реконструкцијата која ја најави Христијан Мицкоски е чисто козметичка. Старите лица остануваат, старите практики продолжуваат, а новите имиња само ја менуваат амбалажата. Нема нова политика. Нема нова визија. Нема нова одговорност. Има само нова шминка на истото старо, корумпирано владеење и нови криминални тендери. Правилата на тендер-коалицијата не се менуваат. Театарот е ист, истите глумци, само нови одела“,
се вели во соопштението на СДСМ.
По реконструкцијата, од опозициската партија сметаат дека премиерот Мицкоски ќе најави предвремени избори. Тоа, според нив, ќе се случи во моментот кога веќе нема да може да се задолжува бидејќи, спорред нив, нема веќе пари во буџетот.
Од Социјалдемократскиот сојуз упатуваат и низа критики кон дел од актуелните министри и владини функционери, кои, како што се наведува во партиското соопштение, молчат за актуелни случаи, работата за туѓи интереси наместо за македонските и имаат бизниси во Бугарија.
„Кога имате министер за правда (Игор Филков н.з.) од партија ЗНАМ која повеќе не постои, човек кој се правеше ‘мртов’ за случајот со Никола Груевски цел месец и сè уште не даде одговор дали ги испратил потребните документи (за екстрадиција) – што точно се реконструира тука? Кога имате министер за внатрешни работи (Панче Тошковски) кој дозволи целосна партизација на МВР, кој го штити владата и поединци од одговорност, и кој не презема никаква политичка одговорност за колапсот на безбедносниот систем и селективната правда – каква реконструкција е тоа?“,пишува во партиското соопштение на СДСМ.
