Со загриженост ја следам дебатата во земјава за тоа колку треба да изнесува буџетот за правосудството која се отвори по објавувањето на извештајот на Европската комисија за Македонија, вели Амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер. Во документот, меѓу другото, се констатира дека правосудството е финансиски зависно и под притисок на извршната и законодавната власт, но премиерот Христијан Мицкоски во неколку јавни настапи порача дека нема намера да ги зголеми финансиите за судството и јавното обвинителство. Мицкоски се повикува на анализа на буџетите за правосудството во европските држави за 2022 г. која покажува дека земјава издвојува поголем процент од БДП за оваа намена од голем број земји членки на ЕУ.
-Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државата е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022 г., ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија”, вели германската амбасадорка за „360 степени”.
