19 ноември 2025 година. Осум месеци по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ започна судењето за стравичната несреќа. Како 13 години системски пропусти доведоа до пожарот кој однесе 63 животи. На околу 160 страници е напишано обвинението. На исто толку и вештачењето. Тие стотици страници покажуваат кои се пропусти довеле до таа кобна ноќ на 16 март годинава.
Од дивоградба до објект за лесна индустрија, а само на хартија кабаре. Согласно ДУП-от таму не било дозволено да се изгради угостителски објект. Законот за градење кој важел во тоа време не дозволувал пренамена на објект од лесна индустрија во угостителски. Првичниот објект бил проектиран и изведен за складирање и проджба на теписи, теписони и синтелони.

Никогаш немало барање до општина Кочани за пренамена, но Дејан Јованов Деко ќе најде начин како во декември 2012 година да извади лиценца за вршење на угостителска дејност на име на неговата фирма Класик ДМ.
Првата лиценца е издадена на крајот од 2012 та година. Но, според документите до кои дојде КОД се гледа дека оваа лиценца потпишана од тогашниот министер Ваљон Сарачини не е за објектот „Пулс“ туку за локацијата каде газдата Дејан Јованов Деко имал кафуле со адреса улица Димитар Влахов без број ГТЦ/Блок Кочани. Таму било и седиштето на неговата фирма Класик ДМ.
На лиценцата се ставени вкупно пет потписи со се оној на тогашниот министер. Изработил- Контролирал-Проверил-Одобрил се четирите потписи пред да стави потпис министерот. Датумот е 13 Декември 2012. Но, пред да биде издадена лиценцата првото барање Јованов го поднел на 29 октомври истата година.
Министерството за економија испратило инспекција да провери дали се исполнети минимално техничките услови за започнување на работа за угостителска дејност на кабарето, но одговорот од инспекторот Миле Ампов е негативен. И не само тоа инспекторот ќе утврди дека има и намена за лесна индустрија.
Откако газдата Јованов го добил негативниот записник, еден месец подоцна повторно поднесува барање за лиценца. Минисерството за економија поворно бара од пазарниот инспекторат да оди на терен. И ова барање за лиценца е со адреса на Класик ДМ, а не на Пулс кој како објект се наоѓа на сосема друга локација- улица Штипски пат.
,,Ве молиме да направите контрола дали ги исполнува условите горе наведеното друштво и ни дадете информација во рок од 5 дена“, стои во барањето до Државниот Пазарен изнпекторат од Министерствпото за економија . На 13 Октомври пазарната инспекторка Блашка Ефтимова прави записник-еден пишуван рачно другиот на компјутер . И на двата е потпишана, а присутен бил и сопственикот Јованов.
Различни податоци во официјални документи
Но, од документите може да се види дека пазарната инспекторка Блашка Ефтимова пишува различни податоци во записниците. Во рачно напишаниот наведува дека записникот е составен во Класик ДМ-кабаре Пулс на Штипски Пат бб и со седиште на улица Димитар Влахов. Во оној кој е официјално поднесен и искуцан на комјутер се вели дека надзорот е извршен во Класик ДМ со седиште на улица Штипски пат без број.
Инспекторката Блашка Ефтимова напишала: ,,По основ на констатираното сметам дека објектот ги исполнува пропишаните Матерјално технички услови за работа согласно Правилникот од законот за угостителска дејност.“ (цитат од документот кој има правописни грешки)
По ова на истиот датум е издадена лиценцата, но не за адресата каде се наоѓа „Пулс“, туку за објект на улица Димитар Влахов без број во центарот на Кочани. Кафуле, а не кабаре на Дејан Јованов и седиште на неговата фирма. Излегува дека првата лиценца никогаш не е издадена за „Пулс“.
Следната година Пулс повторно е со лиценца ,овој пат на вистинската адреса која од Штипски пат подоцна ќе се преименува во Крижевска. Лиценци ќе се редат и натаму. Потписи ќе стават и други министри кои ќе ја наследат функцијата. Но двајца од нив не се гонат Беким Незирии и Дритон Кучи. За нив во Обвинението не пишува зошто е запрена постапката.
За разлика од нив Крешник Бектеши кој не своерачно, туку со факсимил, односно печат ќе одобри неколку лиценци е исто така меѓу обвинетите, заедно со државната секретарка Размена Чекиќ Дуровиќ, чиј потпис и ќе биде злупотребен за да се фалсификува поседната лиценца. Последната во 2024 година кога Дејан Јованов Деко ќе го реконструира објектот. КОД веќе пишуваше како се менувале податоците во катастарот. Вештачењето пак ќе покаже дека без разлика на промените пропусти имало.
Немало услови за заштита од пожари
Согласно површината пред и по реконструкцијата „Пулс“ не спаѓа во категорија на кабаре, туку на диско клуб, бидејќи површината е поголема од 300 метри квадратни. Во кабаре просторот е претежно е со седење а во диско клубовите најмногу е за стоење. Површината за гости била 415 метри квадратни. По реновирањето бројката на дозволени гости е 363. На концертот на групата ДНК имало далеку повеќе околу 650.
Требало да има најмалку 3 излези за евакуација. Со минимум широчина од 4,2 метри. Еден влез требало да биде широк барем 1,4 метри. Главниот влез бил според стандардите. Широк 2 метри и 30 см односно имал две врати. Но, крилата од вратите надвиснувале приближно 15 см со што се отежнува евакуацијата при налет на загрозени лица. Дополнително на патот за евакуација кон овој излез се наоѓала и двокрилна двонасочна врата која исто така пречела.

Другиот спореден излез е со ширина од 1 метар меѓутоа овој простор е всушност несреден и на стрмен терен. Оттаму нема соодветна патека која би ги водела евакуираните лица до безбедно место. Нема прегледност и има опасност од паѓање. Третиот излез е наменет за евакуација на вработени и не можел да се користи за евакуација на гости.
И додека евакуацијата била отежната, објектот ја немал ни соодветната протипожарна заштита за да се спречи ширењето на огнената стихија.
Објектот сепак имал висока пожарна отпорност, но не и кровот. Како резултат на користење на пиротехнички средства таму кобната вечер започнува пожарот. Најголем проблем била облогата од сунѓери користена за акустична изолација која спаѓа во класа на лесно запаливи материи кои горат брзо, испуштаат горливи капки и ослободуваат токсични гасови. Облогата од сунѓер е ставена на таванот над бината и подиумот.
Објектот бил проектиран со доволно прозори, но биле затворени со облоги од стирпор стаклена волна, гипс картон и декоративен лим. Во женскиот тоалет имало прозор ама и тој од внатрешна страна бил маскиран со гипс картони и плочки, а од надворешна страна имало метална решетка. Во една кабина во женскиот тоалет имало отвор, но и тој на надворешната страна имал метална решетка. Прозорите требало да се проектираат да бидат пристапни за употреба на опрема и техника за гаснење и спасување, но тоа не е случај со „Пулс“.
Вештачење на објектот: „Може да се констатира дека поради тоа што во објектот немало систем за одвод на чад и топлина а имало високо присуство на горливи материјали кои го зголемиле пожарното оптоварување а дополнително постоела и рефлективна облога (декоративен лим) кој од задната страна (кон надворешните прозорци) била и термички изолирана, топлината се рефлектирала кон внатрешноста на просторот и како резултат на тоа дошло до уште побрз пораст на внатрешната температура и разгорување на пожарот.“
Имало 4 вентилатори, ама не е познат нивниот капацитет. Биле затворени со гипс картонски плочи и сунѓер со што се намалувал капацитетот на вентилација. Немало преземени никакви мерки за екстракција на чад и вентилација на површина за престој на голем број на посетители.
Немало автоматски систем за дојава на пожар, ниту систем за звучна објава во случај на пожар. Внатрешен хидрант имало на влезот од објектот, но не бил доволен да го изгасне пожарот. Немало ни внатрешна хидрантска мрежа. Пронајдени се два ПП апарати, а требало да има 4.
Градежен инспектор не заоѓал кон Пулс
Никогаш градежен инспектор од општината од 2012 до 2025 година не го посетил објектот. Работењето на „Пулс“ би можело да се спречи доколку градежен инспектор увидел дека објектот се употребува спротивно на неговата намена. И неколку градоначалници на Кочани знаеле дека дискотеката работи незаконски.
Првиот државен пазарен инспекторат увидел, но останатите останале слепи на фактот дека не се исполнети минимално техничките услови за „Пулс“ да биде угостителски објект. За сето тоа време немало ни инспекциски надзор од Државниот завод за заштита и спасување. Не можело да има бидејќи инспектор во Кочани институцијата нема. А нема ни денес. Листата на обвинети е долга. 35 луѓе и 3 фирми. „Тешки дела против општата сигурност“ им се ставаат на товар.

Обвинителството има обемен доказен материјал. Голем број на предложени сведоци, оштетени за сослушување 283. Бранителите очекуваат долго судење, а тоа го покажала праксата и досега за случаи со голем број на обвинети.
А никој не сака процесот да се одолговлекува. Дополнително и одбраната предложила сопствени докази во полза на клиентите-обвинети.
Дека трагедијата откри трајни системски предизвици дозна и меѓународната заедница, а поуката од која треба да ја извлечеме… никогаш повеќе да не се повтори.
Марија Митевска
Снежана Лупевска Созен
Прилогот е емитуван во изданието на КОД кое премиерно беше објавено на 16.11.2025. на ТВ Телма.
