Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Киев му рекол на американскиот секретар за копнена војска Ден Дрискол дека е подготвен да соработува со администрацијата на Трамп на новиот мировен план, потвдија претставници на Украина и САД, пренесува порталот Аксиос.
Ваквиот потег на Зеленски доаѓа и покрај тоа што во планот се бараат големи отстапки од Украина, вклучително и предавање на територии кои се под нејзина контрола на Русија. Наместо отфрлање, Зеленски се согласил на преговори. Од неговиот кабинет порачаа дека очекуваат разговор и со претседателот Трамп во наредните денови.
Дрискол му предал копија од планот на Зеленски при денешната нивна средба во Киев, наведе украински претставник. Американски претставник, пак, додал дека Зеленски и Дрискол „се договориле за агресивна временска рамка за потпишување на планот“.
Планот, кој го изготвија Стив Виткоф и останатите американски претставници во договор со Русите, предизвика шок во Киев и во европските престолнини, кога Аксиос деновиве го откри неговото постоење. Планираниот состанок меѓу Зеленски и Виткоф пропадна во текот на оваа недела, откако американската страна оцени дека украинскиот претседател не е подготвен за сериозен ангажман.
Администрацијата на Трамп, пак, се обидуваше да ја увери Украина и нејзините европски сојузници дека планот е „жив документ“ и оти нивните ставови ќе бидат земени во предвид, потврди претставникна САД.
Виткоф во телефонски разговор утрово со германскиот министер за надворешни работи, Јпхан Вадепул уверувал дека новиот план е „рамка на идеи“ која ги вклучува и украинските и руските ставови, рече американски претставник.
Европјаните не беа вклучени во изработка на планот, а Украинците беа вклучени по обемните разговори меѓу американските и руските претставници. Документот содржи елементи кои се сметаат дека се исклучително наклонети на Москва, како ограничување на обемот и способноста на украинската армија по војната, нешто што Киев во минатото многупати го одбиваше.
Притисокот од САД доаѓа во време кога Зеленски се соочува со најсилниот домашен политички притисок од почетокот на руската инвазија. Сè поголемиот корупциски скандал во кој се вклучени некои од неговите најблиски соработници ја поттикна опозицијата да го повика на расчистување на ситуацијата или на формирање на влада на национално единство.
Се очекува дека Зеленски, по состанокот со Дрискол, вечерва да се сретне со членовите на својата партија во парламентот.
