Најмногу поени и прво место на ранг листата од 10 кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) освоил Адем Чучуљ, потврдија за Телма, неофицијално, членови на комисијата за селекција. Чучуљ е актуелен генерален секретар на Антикорупциската комисија во чии служби е вработен повеќе од 19 години.
На своето интервју пред комисијата за селекција рече дека Антикорупциската комисија ја чувствува како дома и дека се знае и одржува контакти со речиси сите членови од петте досегашни мандати на Комисијата. Но, беше генерален секретар во време на Татјана Димитровска, обвинетата екс претседателка на ДКСК која е на суд за оддавaње службени тајни од предмети на Комисијата, како и за тоа што друг на место неа полагал влезен тест за проверка за сертификат Државна тајна.
На интервјуто, Чучуљ не беше прашан директно за соработката со Димитровска, но рече дека минатиот период Антикорупциската комисија работела, ама не го претставувала сработеното.
Чучуљ пред членовите на комисијата порача дека ќе се заложи за повеќе превентивни антикорупциски мерки и активности, за дополнување на регистрите на податоци за поефикасна проверка на имотната состојба на функционерите, бидејќи државата сè уште не го спроведува и не ги полни регистрите, а покрај тоа и не плаќа за набавка на таков антикорупциски софтвер.
Рече дека и критиките во годинашниот извештај на Европската комисија за работата на Антикорупциската комисија треба да се прифатат и да се работи на нивно отстранување. Европскиот извештај констатираше дека ДКСК не е активна како порано и дека треба да работи проактивно и поефикасно за откривање на случаи на корупција извршена од функционери кои се на власт.
Чучуљ, според ранг листата во која увид имаше Телма, освоил 96,5 бодови од максималните 100, а во првите тројца се и ревизорот Бранко Милевски и универзитетскиот професор Кимо Чавдар.
По предавањето на ранг листата, следна на потег е Комисијата за избори и именувања која треба да го утврди името на кандидатот за нов претседател на Антикорупциската комисија.
Миомир Серафиновиќ
