Тргнале по здравје, а станале жртви на здравствен профит. Домашната интерна комисија утврди дека 10 пациенти завршиле на хируршка маса со отворен граден кош, иако немало потреба од операција на срце. Министерот Алиу ги презентираше фактите до кои дошол домашниот тим експерти, но без детали за пациентите и за болниците кои профитот го ставиле пред здравјето. На одговор чекаат и прашањата: како завршиле операциите и во каква здравствена состојба се пациентите денеска.
Десет непотребни операции на срце откри домашниот експертски тим, кој проверуваше 19 од 25-те пријави за профит по цена на здравје. Половина од случаите кои беа под лупа на интерната комисија се нашле под хируршки нож, иако за тоа немало оправдана медицинска потреба.
За останатите шест пријави, немала ингеренции да постапува. Нив ќе ги проверува Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„До Комисијата беа доставени 25 случаи. За шест од нив Комисијата одлучи дека треба да се испратат до ДСЗИ, бидејќи таа не е надлежна. Анализирани се 19 случаи од страна на стручната Комисија од кои за 10 од нив Комисијата одлучи дека се непотребно извршени операции или непотребно упатени за операции“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Министерот Алиу и интерната комисија се задржаа само на бројката непотребно извршени операции. Не ги открија болниците кои профитирале врз грбот на пациентите и под ризик го ставиле нивното здравје со непотребно отворање на градниот кош.
Претседателот на комисијата, д-р Жарко Христовски вели во оваа половична фаза од проверките не е етички да ги откријат овие податоци. Повеќе детали ќе соопштат дури по мислењето на меѓународната комисија, составена од тројца кардиолози од три различни држави.
„Кога ќе завршиме со комплетни анализи, тогаш ќе може да посочиме каде и кој ги извршил операциите. Ако сега го кажеме тоа, нема да биде во ред. И досегашните информации кои веќе ги споделивме со јавноста се проблематични, бидејќи не се комплетни извештаите. Кога тие не се завршени, а се посочува кон некого со прст, тоа не е ниту етички, ниту законски“, рече д-р Жарко Христовски.
Скандалозниот епилог следува по обвинувањата на кардиологот Сашко Кедев дека во приватни болници се вршеле непотребни операции на срце заради профит. Три месеци по пријавите, комисијата ги потврди сомнежите и во 10 случаи откри фрапантни лекарски одлуки.
Освен имињата на болниците во кои непотребно биле извршени операции на отворено срце, останува и прашањето дали и во каков ризик биле доведени пациентите кои завршиле на операциона маса без медицински индикации за тоа и каква е нивната здравствена состојба денеска.
Тамара Марковска
Б.С.
