Пред стартот на судењето за најголемата трагедија во земјава, во која на 16 март во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ згаснаа 63 животи, во Кочани денеска се одржува средба меѓу родителите, семејствата на загинатите млади луѓе и обвинителите.
Средбата се одвива седум дена пред да почне најобемниот и најголемиот судски процес, закажан на 19 ноември во судницата во скопскиот Затвор Идризово. Родителите за Телма велат дека на денешната средба со обвинителите очекуваат да слушнат како се одвива еден судски процес, бидејќи некој од нив и првпат ќе влезат во судница. Во изминатите две недели со нив работат и психолози, со цел полесно да се справат со емоционалниот стрес, притисок, додека трае судењето и сведочат обвинетите.
За трагедијата во „Пулс“ има 34 обвинети и три правни лица. Обвинителството веќе ја подготвило стратегијата со која во судница ќе го застапуваат обвинението. Обвинителскиот тим е проширен на 15 обвинители.
Семејствата на загинатите од Кочани се организираат и за 30 тиот Марш на ангелите, кој ќе се одржи оваа сабота во Скопје. Тие на 15 ноември маршираат за вистината и какошто велат од граѓаните не бараат сожалување, туку бараат да дојдат на Маршот во Скопје и заедно да чекорат со нив за Ангелите.
„Мајките завиени во црно се огледало на нашата душа“ – е една од пораките кои утринава беа испишани на споменикот Олимпија во центарот на Скопје како најава за саботниот протестен марш за загинатите во Пулс. Маршот закажан за сабота, ќе почне во 12:05 часот симболично, со зборно место на Плоштадот Македонија, а потоа ќе продолжи кон Собранието и ќе заврши пред Основниот кривичен суд во Скопје. Активистите на граѓанската иницијатива „Кој е следен“ на споменикот пред Ибни Пајко ставија црни марами врз главите на спомениците на мајките.
Викторија Димитрова Јованова
Дигитална обработка: T.Д.
