„На потпретседателската позиција ќе го номинирам д-р Александар Трајановски, во моментот член на Извршниот одбор. Тој е исклучително посветен на партијата. Имаше одлична кампања на локалните избори и привлече многу внимание. Сметам дека ова ќе биде значајно кадровско зајакнување на ова ниво на партијата“, рече Венко Филипче, претседателот на СДСМ.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Аеродром и еден од двајцата кандидати на СДСМ кој се пласираше во втор круг во скопските општини и загуби. Тој е специјалист ортопед и трауматолог и поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија и реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Досега Трајановски беше член на Извршниот одбор на СДСМ и во хиерархијата на партијата треба да го заземе местото на една од потпретседателите на СДСМ, Ана Чупеска која си поднесе оставка пред вториот изборен круг на локалните избори.
Филипче побара трпение од сопартијците и јавноста за реформите кои сака да ги спроведе бидејќи по најнискиот изборен резултат на СДСМ беше барана и поголема промена во врвот на партијата која ја води по ланското заминување на екс премиерот Димитар Ковачевски од лидерската позиција на партијата.
