Глобалната политичка неизвесност достигна исклучително високо ниво оваа година, покажува најновата анализа на Светскиот индекс на неизвесност, кој од јануари наваму се има речиси дуплирано. Како што забележа и Меѓународниот монетарен фонд на годишните состаноци, големите политички промени во многу земји создадоа голема неизвесност за идните политики и економските одлуки.
За подобро да се разберат причините за растечката нестабилност, експертите го развија новиот Индекс на неизвесност на светската политика, подкомпонента која ја мери политичката несигурност преку анализа на текстуални извори. Индексот ги следи извештаите на Economist Intelligence Unit и ги брои споменувањата на термини како „неизвесност“ во контекст на политика, избори, влада и креирање политики. Опфатена е 71 развиена земја, економии во развој и пазари во подем.
Иако политичката неизвесност достигнува рекордни нивоа, податоците покажуваат дека економското расположение на глобално ниво останува релативно позитивно. Индексот на светско расположение кој ги анализира ставовите за економските перспективи преку позитивни и негативни поими покажува дека глобалната економија продолжува да демонстрира отпорност и умерено забавување, во согласност со прогнозите на ММФ.
Аналитичарите оценуваат дека ваквата отпорност може да се должи на подобрени економски политики во земјите во развој, како и на зголемената адаптивност на бизнис-секторот. Сепак, високото ниво на неизвесност веројатно ќе остане присутно и во наредниот период, станувајќи „нова нормала“ во глобалните економско-политички текови.
И покрај тоа, верувањата за сегашните и идните економски изгледи остануваат над историскиот просек — сигнал дека, барем засега, довербата во глобалната економија не е разнишана од растечките политички турбуленции.
Т.Д.
