Директорот во притвор. „Комунална хигиена“ работи според оперативната програма, а директорот Сабахадин Рустеми си поднесе оставка при распит во суд. Правно-процедурално работата не е чиста со претпријатието кое треба да го чисти Скопје од отпад, ама реално функционира и собира ѓубре.
Со притворот, во „Комунална хигиена“ во моментот нема кој да ги потпишува документите, бидејќи Рустеми пред апсењето не овластил човек за тоа. Сега со поднесената оставка нема ниту право на тоа. Платата била поделена на вработените минатата недела, со задоцнување, а октомвриската доаѓа за потпис и делење наредната недела. За тоа треба потпис на директор, но потписи треба и на сите јавни набавки, особено, пред сè, за завршениот тендер за набавка на гориво за возилата на „Комунална хигиена“. Нафта има до крајот на неделата и секоја следна испорака оди со потпис.
Дополнително и сите ургентни наредби, набавки и интервенции зависат од директорски потпис. А, последниот директорски потпис, Рустеми го ставил на своја оставка која преку судот треба да стигне до Град Скопје, тврди неговиот адвокат.
Адвокатот Асмир Алиспахиќ толкува дека со поднесената оставка веќе ги нема опасностите поради кои му беше определен притвор на Рустеми.
„Кога не е директор, притворениот ниту може да го повтори делото, ниту да влијае врз сведоци, а обвинителството не посочило дека постои опасност од бегство“, вели адвокатот Асмир Алиспахиќ кој најавува жалба на одлуката за притвор.
Бидејќи директорот е спречен, а кога и ќе стигне оставка, „Комунална хигиена“ за нормално целосно функционирање ќе треба да добие нов в.д. директор кој ќе треба да се нафати да ја врши таа функција 10-тина дена. Одлуката треба да ја донесе градоначалникот на Скопје. Актуелната и во заминување градоначалничка Данела Арсовска преку Фејсбук, пак, тврди дека тоа е во надлежност на Управниот одбор и цитира законска одредба за назначување в.д.директор.
Му се обраќа и на премиерот Мицкоски дека тој ја креирал скопската драма со ѓубре и тој треба да ја реши со нов директор. Повикани се и истражните органи да преземат истраги против директори на комуналните претпријатија во Тетово, во Гази Баба и Куманово за повеќе еколошки инциденти со отпадот. Но, Арсовска во недела навечер ќе добие избран наследник кој ќе има право да постави нов директор на „Комунална хигиена“.
Миомир Серафиновиќ
Б.С.
