Црногорската полиција уапси осум лица под сомнение за повеќе кривични дела, меѓу кои поттикнување национална и верска омраза, насилничко однесување и нарушување на јавниот ред и мир. Според полициското соопштение, акцијата следи по неколку инциденти во изминатите денови во Подгорица во кои мета биле странски државјани, претежно од Турција и од Азербејџан.
Меѓу уапсените е 35-годишен жител на Подгорица кој е осомничен дека преку социјалните мрежи објавувал заканувачки и навредливи пораки насочени кон турски државјани, со содржини што поттикнуваат омраза и нетрпеливост. Лишени од слобода се и три лица на возраст од 25 до 31 година за напад на тројца турски државјани на 27 октомври во населбата Забјело, уште три лица на возраст од 18 до 24 години за физички напад врз турски државјанин, како 27-годишник поради напад врз двајца државјани на Азербејџан во угостителски објект.
Како реакција на последните инциденти, Владата на Црна Гора вчера привремено го суспендираше безвизниот режим за државјани на Република Турција, со цел преиспитување и зајакнување на контролата на движењето и престојот на странци.
Владата посочи дека оваа мерка не го доведува во прашање пријателството и стратешките односи со Турција и дека ќе се обезбеди забрзана постапка за издавање визи за турските државјани што планираат патување или транзит.
Во Црна Гора, според официјалните податоци, престојуваат околу 14.000 турски државјани.
