Вести Македонија Топ вести

Станови, градежно земјиште, товарни и патнички возила – замрзнат имот на Борче Марковски во Македонија и во Србија

Обвинителството му замрзна имот на сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски во Македонија и во Србија. „Марковски компани“ со години е најголемиот тендерџија во РЕК Битола. Во Србија е замрзнат имотот на неговата фирма „Хаза изградња“ со седиште во Нов Белград.

Борче Марковски е еден од осомничените за злоупотреби со тендерот за дислокација на погонски станици од Осломеј во рудниците во РЕК Битола од 2024 година, вреден 106 милиони денари, односно 1,7 милиони евра. Заедно со него се осомничени уште еден вработен во неговата фирма и шестмина поранешни раководители во РЕК Битола. Пред десетина дена, осомничените беа уапсени, а на Марковски му беше определен притвор. Тие се сомничат дека работата од тендерот не била завршена, а парите биле исплатени.

По барање на Обвинителството, во Македонија му се замрзнати 30 милиони денари, односно околу 500.000 евра. Побарано е да се забрани располагање со друг движен и недвижен имот – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека се купени со пари од казниво дело. Ако биде осуден, овој имот во иднина може да му биде конфискуван.

Обвинителството денеска соопшти дека по барањето од Македонија, српското обвинителство нареди замрзнување на имотот на негова фирма и во Србија. Се работи за 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград.

„Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина. Поднесените барања се прифатени и српското обвинителство издаде наредби за замрзнување на наведениот имот“, соопшти јавното обвинителство.

Според информациите на Телма, во Србија е замрзнат имотот на фирмата „Хаза изградња“ со седиште во Нов Белград, регистрирана за изградба на станбени и нестанбени згради. Според податоците од Компани вол, Борче Марковски е целосен сопственик на фирмата регистрирана во 2009 година. Оваа фирма лани свртела 235 милиони српски динари, а направила профит од 40 милиони динари, односно околу 340.000 евра.

Податоците од српскиот портал за јавни набавки покажуваат дека оваа фирма во изминатите четири години добила 18 тендери, најчесто од Јавното претпријатие „Србијашуме“ за изградба, реконструкција и санација на шумски патишта и мостови. Вкупната вредност на добиените тендери е околу 378 милиони динари, односно околу 3,2 милиони евра.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Земјотрес со јачина од 7,2 степени го погоди северниот дел на Јапонија

Sasko Dimovski

ЕУ го одобри трговскиот договор со САД за царините

Sasko Dimovski

Има 112 далекуводи, за 59 нема имотни листови, трафостаници во заедничка сопственост со ЕВН – ревизорски извештај за МЕПСО

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе