Украина може да ја врати целата својата територија изгубена во војната со Русија, напиша на социјалната мрежа Truth Social, американскиот претседател, Доналд Трамп. Трамп оцени дека Русија во повеќегодишната војна против Украина се покажала како тигар од хартија. Москва одговори дека мечката а не тигарот е асоцијација за Русија а мечка од хартија не постои.
Драматичен пресврт и менување на американската политика кон официјален Киев за 180 степени.
Како и многу пати досега, преку својата социјална платформа Truth social, Доналд Трамп, ја изненади целокупната светска јавност со политички и воени проценки кои ги шокираат експертите. Украина може да ја врати контролата на своите граници, од пред почетокот на војната, со поддршката на Европа и НАТО, пред се заради притисокот врз руската економија од санкциите против официјална Москва.
Трамп досега постојано ја изразуваше својата желба да ја заврши војната, но и предупредуваше дека за да успее тој процес веројатно ќе мора Украина да се откаже од дел од својата територија, нешто што претседателот Зеленски досега постојано го отфрлаше. Новите шокантни коментари на Трамп доаѓаат по неговата средба со украинскиот лидер, која се одржа во Обединетите Нации во Њујорк, по говорот на американскиот претседател во Генералното Собрание на светската организација.
Во својата објава на социјалните медиуми, Трамп додава дека неговата позиција се променила откако подобро се запознал со односот на воените сили на Украина и Русија и со економската ситуација. Тој смета дека заради санкциите, официјална Москва има големи економски проблеми, означувајќи ја Русија како тигар од хартија.
Портпаролот на официјален Кремљ, Дмитри Песков, во изјава за едно руско радио, оцени дека Русија во никој случај не е тигар, туку може се спореди со мечка а не постои такво нешто како мечка од хартија.
За да бидат поуспешни санкциите против Русија, Трамп тврди дека сите европски држави мора да престанат да купуваат енергенси од режимот на Путин. Но, оние кои најмногу инсистираат тоа да го прават се неговите најголеми сојузници, како унгарскиот лидер, Виктор Орбан.
-Претседателе Трамп, вашата порака до премиерот Орбан кој одбива да престане да купува руска нафта?
-„Па, тој е мој пријател. Не сум зборувал со него, но чувствувам дека доколку го направам тоа, можеби ќе престане. И мислам дека ќе го направам тоа“ рече Трамп.
Украинскиот лидер, Володимир Зеленски, ја поздрави големата промена во позицијата на Трамп, додавајќи дека САД се подготвени и да и дадат безбедносни гаранции на неговата држава, „откако војната ќе заврши“. Иако не можеше да сподели детали, што тоа конкретно значи, навести дека најверојатно ќе вклучува повеќе оружје, системи за против-воздушна одбрана и дронови.
Никола Илиевски
