Гувернерот на Народната Банка Славевски очекува банките да им понудат пониски каматни стапки на младите кои по прв пат купуваат свој дом. Вели дека одлуката со која се намалува учеството за нив, а се зголемува за оние кои ќе подигнат кредит за стан кои би го користеле за инвестиции е веќе објавена во службен весник и банките ја знаат. Смета дека до декември кога треба да стапи на сила, имаат доволно време да се прилагодат на измените и се надева дека ќе ги почитуваат.
-Ние не сме институција што ги определува во овој момент каматните стапки, но укажуваме на една практика во светото која што се заснова на проценките на ризикот дека семејствата кои што за прв пат купуваат стан и живеат во него се помал ризик од аспект нели на сервисирање на обврските и до тука добиваат насекаде во светото поповолни услови од страна на комерцијалните банки и тоа го очекуваме и од нашите комерцијални банки, изјави гувернерот на Народна банка Трајко Славевски.
Од Македонската банкарска асоцијација за сега се без коментар околу овие измени.
Со новите одлуки за оние млади лица и брачни парови кои немаат имот на свое име, и аплицираат за кредит за стан кои ќе им биде за живеење, учеството од сегашните 15 се намалува на 10 отсто, а висината на ратата останува 55 отсто од вкупните приходи кои ги има кредитобарателот. Во вториот случај за оние кои аплицираат за кредит за стан кои би го користеле за инвестиции учеството од сегашните 15 се зголемува на 25 отсто, но ратата за кредитот најмногу ќе изнесува 50 отсто од висината на приходите на кредитобарателот.
Кога гувернерот Славевски ги соопшти одлуките напомена и дека очекува да помогнат во стабилизација на цените на становите кои извесен период имаат двоцифрен раст.
Сепак, од градежниот сектор не се толку оптимисти дека ќе придонесат околу тоа, се надеваат дека со намалувањето на учеството, младите полесно да дојдат до свој дом.
Според, последните податоци на Агенцијата за катастарот најскапиот стан во вториот квартал бил купен во Центар по цена од 2.700 евра за метар квадратен. Во делови од Скопје пак преку огласите се нудеа и станови со цена на квадрат која достигнува и до 3.000 евра.
Инаку, од бројките на НБРМ може да се види дека заклучно со јули банките одобриле станбени кредити во вредност од 1, 6 милијарди евра.
Ирена Чачкова
