Ако за некој мој филм ми требаше мислење , го барав од Илинка зашто ако некој сестрано го познаваше филмот како феномен и како уметност, тоа беше таа.
Ова го кажа филмскиот режисер Столе Попов на денешната комеморација во Кинотеката на Македонија, по повод смртта на Илинденка ( за пријателите Илинка) Петрушева, наш истакнат филмски критичар, публицист, истражувач на македонската кинематографија , долгогодишен раководител и советник во Кинотеката на Македонија, основач и уредник на списанието „Кинопис“ и еден од основачите на Друштвото на филмски работници и на фестивалот „ Браќа Манаки“.
Поради нејзината добрина да ги насочи во пишувањето помладите колеги – филмолози ја нарекувале класната, рекоа од Кинотеката. А, на нејзиното семејство, како што кажа синот Брант Феро, му втемелила високи етички вредности.
– „Ако некој сестрано го познаваше филмот како феномен и како уметност, како филозофија животна, како еден голем, бескраен сон, тоа беше Илинка, несомнено. Ја чувствував како голем , личен пријател, како другарка од детството, иако во тие моменти тогаш, значи во моето рано детство ние не се ни познававме“, изјави Столе Попов- филмски режисер.
– „Таа секогаш знаеше да ги прочита нашите почетнички текстови и суптилно, деликатно, да укаже на грешките што сме ги направиле. И да не упати во насока, во која треба да се развиваме. Да ни каже кога ќе отидевме на некој филмски фестивал, што треба да следиме, што е важно, што може да пропуштиме и т.н. Од тие причини , ние овде локално во Кинотеката , Илинденка или Илинка , како што сите ја викавме, ја нарекувавме класната“, рече Атанас Чупоски-советник филмолог.
– „Не научи дека верата е да се верува во добро, верата и културата е да се има позитивна мисла . И така функционираше. Живееше, говореше, пишуваше од срце. И тоа некако ни го втемели и многу сум и благодарен“, изјави Брант Феро-снимател и син на Илиндека Петрушева.
