Вести Култура

Зборци ја организираат првата „Зборотворба на годината“ – роденденски подарок за македонскиот јазик

Здружението Зборци ја организира првата „Зборотворба на годината“, настан посветен на македонскиот јазик, креативноста и уметноста што вечер ќе се одржи во дворот пред студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Манифестацијата се одржува токму во годината кога Македонија ја прославува 80-годишнината од официјалната кодификација на македонскиот јазик. Така, „Зборотворба на годината“ претставува и симболичен роденденски подарок од Зборци за македонскиот јазик.

На настанот ќе бидат доделени три награди – за прво, второ и трето место во изборот за „Збор на годината“. На конкурсот беа пријавени повеќе од 400 зборови, а жири-комисија составена од професори, лектори, текстописци и поети ги одбра трите најкреативни. За крај, публиката на самата манифестација ќе го изгласа својот фаворит за „Збор на публиката“.

Настанот ќе почне во 19:00 часот со дискусија на тема „Македонскиот јазик – минато, сегашност и иднина“, на која панелисти ќе бидат Ѓорѓи Јолевски од Македонскиот народен театар, Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература и Александра Гецовска од Институтот за македонски јазик.

По доделувањето на наградите, забавата ќе продолжи со настапите на МОЈРА, С.А.М, КЕМ и ДОУП КУЌАТА, млади и прогресивни македонски бендови кои ќе ја заокружат вечерта посветена на славење на нашиот јазик.

Од Зборци велат дека очекуваат оваа манифестација да постави темел на нова, јазично креативна динамика.

Влезот за манифестацијата е слободен и отворен за сите посетители. Како прва манифестација од ваков вид во Македонија, „Зборотворба на годината“ ќе понуди единствена можност јазикот да се прослави преку културен дијалог, музика и креативност.

За изборот на зборовите оваа година се погрижи жири-комисија во состав: Татјана Ефтимовска – лекторка и професорка по македонски јазик во гимназијата НОВА, Ирина Јакимовска – професорка на Институтот за етнологија и антропологија, Андријана Јанкова – истражувачка на Институтот за македонски јазик, Бранислав Николов (Фолтин) – музичар, писател и поет, Андреј Медиќ Лазаревски – поет и претставник на „Култура Бета“ и Игор Антов и Виктор Бучковски – претставници на Зборци.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски го повика Путин на директни разговори за крај на војната – дојди слободно во Москва, одговори Кремљ

Igor Trajkov

(Видео)Мицкоски задоволен од средбата со Мерц на вториот ден од Самиот ЕУ–Западен Балкан

Tea Dimkovska

Пријателска средба со францускиот претседател – Мицкоски со Макрон во Тиват

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе