Вести Култура

„ Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски победи на конкурсот за необјавен роман за деца и млади

Ракописот „Џинџуџе“ на писателот Ермис Лафазановски, ја освои наградата „ Оливера Николова“, на првиот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади. За наградата што ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка на семејството на истакнатата македонска писателка Оливера Николова, пристигнале 38 ракописи од 37 автори. А, во најтесениот избор бил и  романот „Сам во рој“ од Иван Дричко – псевдоним на Сашо Кокаланов, стои во објавата на жири комисијата во состав : Оливера Ќорвезировска, Весна Мојсова- Чепишевска и Јагода Михајловска- Георгиева.

  • „Романот ’Џинџуџе‘ од истакнатиот македонски писател Ермис Лафазановски е модерна бајка за потрагата по среќа, ситуирана во наше време и на наш простор. Бајковидноста и вештото и духовито реферирање на фолклорната традиција во романот остварени преку еден џин и едно џуџе (односно преку едно огромно и едно ситно дете), се исправени пред предизвиците на современиот живот обединети во таканаречената ’мол-култура‘ како неизбежен факт на нашето време. Џинџуџе е заедничко (и уметничко) име на двајца најдобри пријатели, џинот и џуџето, кои функционираат како едно суштество. Зближени по принципот на разлики и контрасти (едниот е огромен и силен, интелектуално инфериорен; другиот е ситен и немоќен, интелектуално супериорен), пријателите се досетливи акробати кои изведуваат точки со велосипед низ Скопје, а особено во Сити мол. ‘Џинџуџе’ е прво дело за деца и млади од Ермис Лафазановски. Освен што романот е вистинско освежување во домашната продукција, тој најверојатно, според новата терминологија на spin off-постапката во денешните серии, е и прв книжевен приквел (prequel) на друго познато дело од истиот автор. Имено, романот за деца и млади ‘Џинџуџе’ е можно раскажувачко минато на истоимениот расказ за возрасни од збирката „Туја“ на Лафазановски од 2018 година, застапен во Малата антологија на современата македонска микрофикција ‘Летаат приказни’ од 2019; расказ според кој беше именувана и антологијата на македонскиот краток расказ ‘Џинџуџе во земјата на афионите’ од 2022 година. Овој приквел-роман на несекојдневен начин ги поврзува книжевноста за деца и онаа за возрасни. Во таа смисла, ’Џинџуџе‘ е и оригинален омаж на Оливера Николова којашто пишуваше и за деца и за возрасни; омаж кој ни отвора интересни прашања за тоа како целното раскажување за возрасни може да премине во раскажување за деца, и обратно; како роман може да протече од расказ, и обратно“, се вели во образложението на жирито.

Ермис Лафазановски (1961) е истакнат македонски раскажувач, романсиер, историчар и теоретичар на литературата, доктор по филолошки науки. Работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и бил негов долгогодишен директор. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар, чијшто претседател бил од 2014 до 2018 година. Има објавено повеќе трудови од областа на книжевноста и културната антропологија и има дадено значаен придонес во современата македонска проза. Добитник е на неколку книжевни признанија (наградата „Стале Попов“ на ДПМ и наградата „Прозни мајстори“ што ја доделува фондацијата „Македонија презент“). Неговиот книжевен опус се состои од повеќе романи: „Благородник“, „Опишувач“, „Роман за оружјето“, „Храпешко“, „Недела“, „Историја на луѓето кои умреа од страв“; неколку збирки раскази – „Половина божилак“, „Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите“, „Егзотична кантата“, „Туја“; како и  повеќе научни студии, зборници и монографии – „Традиција, нарација, литература“, „Македонските космогониски легенди“, „Текст и менталитет“, „Антрополошки дијалози“…  Лафазановски преведува од романски јазик и досега има преведено повеќе од дваесет книги од современи романски автори.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена на 11 март 2025 година, на денот на раѓањето на Оливера Николова – првиот без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година.

„Арс Ламина“ денеска (11 септември 2025) го распиша вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“, за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026 година. Тој ќе биде отворен до 11 јануари 2026 година.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски го повика Путин на директни разговори за крај на војната – дојди слободно во Москва, одговори Кремљ

Igor Trajkov

(Видео)Мицкоски задоволен од средбата со Мерц на вториот ден од Самиот ЕУ–Западен Балкан

Tea Dimkovska

Пријателска средба со францускиот претседател – Мицкоски со Макрон во Тиват

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе