Вести Култура

Прекрасен прием од публиката, крунисан со три награди за „ Диџеј Ахмет“ на Филмскиот фестивал во Сараево

 

Дебитантскиот долгометражен филм на Георги Унковски- „ Диџеј Ахмет“, на туку што завршениот филмски фестивал во Сараево освои три награди, меѓу кои и од публиката. Ова е круна на прекрасниот прием од гледачите во Сараево, вели неговиот режисер и сценарист, кој ексклузивно за Телма се јави од Херцег Нови, каде филмот ќе биде прикажан на тамошниот филмски фестивал, на 27 август. „ Диџеј Ахмет“ ќе има македонска премиера на затворањето на Фестивалот на филмска камера „ Браќа Манаки “ во Битола, а потоа го очекува кино- дистрибуција низ Македонија.

Прекрасен прием од публиката, што резултираше со награда. Вака режисерот и сценарист Георги Унковски, го коментира успехот на неговиот прв долгометражен филм „ Диџеј Ахмет“ , кој што на годинашново 31 издание на Филмскиот фестивал во Сараево, освои три значајни награди , со што стана едно од остварувањата со најголем број освоени признанија.  Покрај UniCredit наградата од публиката , за најдобар долгометражен филм, со добиена највисоката просечна оценка од гледачите – 4, 9, што е највисок резултат меѓу сите прикажани долгометражни филмови на фестивалот, „ Диџеј Ахмет“ беше овенчан со Специјалната награда за перспективи на младите, што ја доделува Советот на Европа, во висина од 7500 евра и со наградата од престижниот филмски портал Cineuropa, во износ од 5000 евра.

  • Посебно ми е драго што филмот беше прекрасно примен од публиката и што ја добивме наградата од публиката. Тоа беше шанса и за дел од екипата на „ Диџеј Ахмет“ прв пат да го погледне филмот . Така што тоа ми е посебно драго, рече Георги Унковски, сценарист и режисер на филмот.

Филмот раскажува за созревањето на 15- годишниот Ахмет, кој останува без мајка и се судира со традиционалните вредности на неговата јуручка заедница. Но, тука е и неговата прва љубов, за која се бори зашто е ветена на друг. Жанровски, „ Диџеј Ахмет“, е спој на драма и комедија, а во него се зборува на македонски и турски јазик. Се снимаше лани во радовишките села Коџалија и Али Коч и во Скопје. Главните улоги им се доверени на Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. На сценографијата работеа Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф е Роза Трајческа- Ристовска, шминката и маската се на Душица Вуксановиќ, а монтажата е на Михал Раих. Работен е како копродукција меѓу Македонија, Чешка и Србија, а продуценти се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.

По Сараево, филмот продолжува на фестивал во Херцег Нови, каде сега се наоѓа екипата, со проекција на 27 август. Неговата македонска премиера ќе биде на затворањето на ИФФК „ Браќа Манаки“ во Битола, на 26 септември.

  • Од таму продолжуваме со кино- дистрибуција низ Македонија, па ќе има шанса македонската публика да го погледне „ Диџеј Ахмет“. А, потоа одиме во Велика Британија, Турција, па Шпанија и Франција. Очекувам уште многу фестивали и голема кино- дистрибуција за „ Диџеј Ахмет“ и се надевам дека тоа што побрзо ќе можеме да го споделиме со македонската публика, кажа Унковски.

Светската премиера на „ Диџеј Ахмет“ се одржа во јануари на фестивалот на независен филм „ Санденс“ во Парк Сити- Јута, каде освои две награди: Од публиката, во програмата Светски филм и Специјална награда од жирито, за креативна визија. „ Холивуд рипортер“ го опиша како инспиративна приказна за созревањето, а „ Скринанархи“ го пофали како солидно деби на Георги Унковски. Филмот освои и три награди во Кошице- Словачка, за најдобро остварување, за режија и за актер , што ја понесе младиот Ариф Јакуп.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Спасувале животи за време на пожарот во „Пулс“-тврдат обвинетите полицајци

Дејан Дејан

Мешовитата историска комисија на Македонија и Бугарија со нула напредок – со години заглавена кај учебникот за седмо одделение

Tea Dimkovska

Се стега обрачот околу игрите на среќа

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе