Четворица астронаути безбедно се вратија на Земјата по петмесечен престој на Меѓународната вселенска станица, завршувајќи успешна мисија што започна во март.
Екипажот – Американците Ана Меклејн и Никол Ајерс, Јапонецот Такуја Ониши и Русинот Кирил Песков – се спуштија во Тихиот Океан, кај брегот на Јужна Калифорнија, со капсулата на „SpaceX“.

Тие беа испратени во орбитата како замена за астронаутите на НАСА, Буч Вилмор и Суни Вилијамс, кои останаа на станицата повеќе од девет месеци поради сериозни дефекти на капсулата „Старлајнер“ на Боинг, чија тест-мисија требаше да трае само една недела.

Поради техничките проблеми, НАСА одлучи капсулата да се врати без екипаж, а двојката да биде вратена со „SpaceX“.
Пред да ја напушти станицата, Меклејн изјави:
„Сакаме оваа мисија да биде потсетник на тоа што можеме да постигнеме кога работиме и истражуваме заедно, особено во време на предизвици на Земјата.“
Ова беше трето спуштање на „SpaceX“ во Пацификот со екипаж, но прво со астронаути на НАСА по цели 50 години – последен пат вакво враќање се случи во 1975 година со мисијата Аполо-Сојуз.

Од безбедносни причини, „SpaceX“ одлучи да ги префрли слетувањата од Флорида во Калифорнија, за да се избегне ризик од паѓање на остатоци над населени места.

По враќањето во Хјустон, екипажот изрази желба за туширање, сочни хамбургери и неколку дена одмор.
