Вести Македонија Наука и здравје

Идеја за смарт паркинг во Клинички центар со различни цени за паркирање- за онколошките пациенти ќе биде 0 денари

Новиот паркинг простор на Клиничкиот центар во Скопје ќе функционира по диференциран ценовник, при што онколошките пациенти ќе имаат бесплатен влез, а највисока цена ќе плаќаат граѓаните кои не доаѓаат како пациенти. Ова го соопшти министерот за здравство Азир Алиу, најавувајќи детална презентација на проектот следната недела.

Паркингот ќе има четири различни влезови: еден за онколошки пациенти (бесплатен), друг за пациенти со упат (со симболична цена), трет за вработените и четврт за останати посетители, кои ќе плаќаат највисока тарифа. Алиу истакна дека ова е обид за регулирање на пристапот и олеснување на паркирањето за оние на кои навистина им е потребно.

Договорот за управување со новиот паркинг ќе го потпише ЈП Градски паркинг, институцијата која и досега го менаџираше просторот, но овој пат со целосно нов систем за надзор и контрола. Предвидено е воведување 24-часовен мониторинг, видеонадзор и автоматски извештаи за работа.

„Нашиот пристап е да работиме со институции кои имаат експертиза. ЈП Градски паркинг има искуство, а досегашниот проблем не беше во нив, туку во отсуството на контрола и организиран систем“, рече Алиу кој новото решение го најави како смарт паркинг.

Бројот на паркинг места во Клинички центар ќе се зголеми двојно преку оптимизација на неискористениот простор, без изградба на нови објекти.

Паркингот во Клиничкиот центар е преполн, валкан со постојани застои на улицата пред него и внатре во утринските часови поради што пациентите доцнат на прегледи и операции, а најтешко болните страдаат од болка додека се бара слободно место.

Претходниот министер Арбен Таравари на јавен повик почна обид за правење договор за концесија со фирмата од Албанија “Ѓокај констракшн”. Но, договорот не се потпиша поради сомнежи на јавноста во исправноста на зделката која предвидуваше нерамноправна распределба на добиените пари од наплатени тикети за паркинг, во корист на приватниот партнер и инвеститор.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарот кај „Рампа“ ставен под контрола, еден пожарникар повреден во неговото гасење

Дејан Дејан

Венс: Британците ги разочара водството, на земјата и се потребни големи промени

Дејан Дејан

Мицкоски очекува да се покачат цените на горивата – дизелот да поскапе од 2 до 2,5 денари за литар, а бензините 1 денар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе