Вести Македонија Најважни

Две лица се повикани во полиција за скандирање на говор на омраза во салата во Куманово

Две лица се повикани на службен разговор од страна на кумановската полиција во врска со скандирањата на говор на омраза за време на кошаркарскиот натпревар Македонија – Романија во саботата во Куманово. Лицата, како што дознава Телма, се идентификувани како неформални водачи на навивачката група „Кумани“ која ги скандирала ксенофобичните пароли и говорот на омраза за време за натпреварот. Од кумановската полиција за Телма информираат дека се во контакт со Јавното обвинтелство, се прегледуваат снимките и оти не е исклучено да се идентификуваат и други лица кои скандирале говор на омраза.

Од Јавното обвинителство во Куманово, пак, претходно информираа дека испитуваат можности за кривично дело говор на омраза, при што била издадена наредба за обезбедување на снимките од видео надзор, со цел идентификација на евентуалните сторители.

Од Хелсиншки комитет за човекови права ја поддржуваат одлуката на Обвинителството да отвори постапка, бидејќи, како што наведуваат во своето соопштение, со ваквите скандирања се предизвикува раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, што е кривично дело.

Од таму прст впeруваат и кон политичарите – премиерот Христијан Мицкоски, заменик-премиерот Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пратеници, како и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кои биле присутни на натпреварот, но како што наведуваат од Хелсиншки, не реагирале на навредливите скандирања.

„Политичарите не смеат да останат индиферентни и на тој начин да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така придонесуваат за потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација“, стои во соопштението од Хелсиншки.

Два дена по натпреварот осуда стигна и од премиерот Христијан Мицкоски, кој на новинарско прашањето зошто не ја напуштил салата како одговор на говорот на омраза, рече дека групата која скандирала била мала.

„Искрен да бидам, додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група луѓе. Но, исто така, би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар на Македонија – Романија“, рече Мицкоски.

На говорот на омраза за време на кошаркарскиот натпревар во Куманов реагираа од СДСМ и од ДУИ. Социјалдемократите се на став дека ваквите скандирања имаат за цел да го поткопаат соживотот и мирот во државата, со констатација дека насилниот национализам намерно се активира секогаш кога се приближуваат избори, додека за ДУИ скандирањата на натпреварот се голем аларм за демократијата, за соживотот и за безбедноста на граѓаните во земјата.

Евроинтегративците, освен истрага, санкции за организатори и реакција од владата, вклучување на меѓународниот фактор за следење на ширењето на говорот на омраза и институционалниот национализам во земјава, побараа и оставки од функционерите од Вреди.

Реакција стигна и од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј пратеник од Куманово, Бране Петрушевски, кој беше на натпреварот, ги осуди испадите со ксенофобичен говор за кои рече дека дошле една многу мала група на граѓани.

Осуда стигна и од Вреди од каде настанот во Куманово го оценија како сериозен инцидент, кој ја вознемирил целата јавност, од каде наведуваат дека за разлика од времето на ДУИ, денес на вакви инциденти државата реагирала брзо, решително и транспарентно.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Доцова по средбата со Гаши: Потребно е да се направат уставни измени

Дејан Дејан

Буџетскиот дефицит се зголемува за 110 милиони евра

Дејан Дејан

Мицкоски го информирал НАТО за објавена дипломатска нота

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе