ЕСМ бара државните и јавните институции да си го платат долгот за струја и парно кој го имаат кон компанијата. Станува збор за сума од 16 милиони евра. Информација ја доставиле и до владата и побарале државата да најде начин како овие пари да се вратат во касата на електрани.
По предлогот, Владата ги задолжила да си ги платат сметките. Од документот до кој дојде Телма, може да се види дека станува збор за повеќе од 200 институции.
Меѓу нив на листата се министерства, универзитети, училишта, агенции, јавни комунални претпријатија, болници во речиси сите градови, клинички центри, Службата за општи заеднички работи на Влада, Пошта, Железници, студентски домови, Општини и други.
Во документот е наведена вкупната сума која се должи на ЕСМ и нејзините фирми ќерки, но нема секоја поединечна институција колку треба да плати за струја или за парно греење.
Рокот до кој треба да се подмири долгот е три месеци од денот на донесувањето на владиниот заклучок.
ЕСМ, донесе и одлука од сега да ја купи потребната струја за ноември и декември. На објавениот повик се бараат над 130 илјади мегават часови. Ова е прв пат да се набавува струја за подолг период, вообичаено се правеле на краток рок, од околу две недели.
Со превремено обезбедување на дел од снабдувањето, очекуваме поповолни и попредвидливи цени, заштитувајќи се од потенцијални нагли поскапувања. Во тек се анализи за да се обезбеди електрична енергија по ист принцип и за јанаури и февруари догодина кога се очекува најголема потрошувачка, се вели во одговорот од ЕСМ
ЕСМ веќе подолго време се обидува да ја подобри својата ликвидност. Компанијата која со години важеше за една од најпосакуваните за работа, е со големи загуби кои надминуваат над 45 милиони евра. Последно за само три месеци минусот е зголемен за 11 милиони евра. На крајот на минатата година електрани зема кредит од 80 милиони евра, а скоро се задолжи и за нови 30 милиони евра, пари кои ќе се користат за подмирување на доспеани обврски.
Од компанијата и покрај ваквите загуби се оптимисти дека 2025 ќе ја завршат со добивка или барем со позитивна нула.
Владата одлучи проблемите ЕСМ самостојно да ги решава, без помош од буџетот. Пa, останува да се види дали со ваквите одлуки електрани ќе застане на нозе, но и колку ќе се успее да се соберат парите од должниците, со оглед на тоа дека кај институциите кој треба да платат има доста кои се со финансиски проблеми.
Ирена Чачкова
