Најважни Спорт Фудбал

Трилер завршница во Скопје: Миовски погоди во 91.минута, Велшаните се спасија во последната секунда

Македонската фудбалска репрезентација ремизираше 1-1 против Велс во Скопје во рамки на 2.коло од квалификациите за Светското првенство 2026 година. Натпреварот имаше неверојатнo драматична завршница, а нашиот тим ја испушти победата буквално пред последниот свиреж на судијата Брисар од Франција.

Македонија го почна натпреварот премногу претпазливо со дефанзивна тактика во првото полувреме, па Велс доминираше. Гостите ја имаа најсериозната шанса во 33-тата минута, а имаа и неколку удари од далечина кои нашиот голман Столе Димитриевски лесно ги скроти.

Во вториот дел, македонскиот селектор Благоја Милевски реши да ја отвори играта и во 61-та минута ги внесе во игра Дарко Чурлинов и Јани Атанасов на местото на Исник Алими и Ѓоко Зајков.

Треба да се одбележи дека натпреварот беше прекинат во 59-тата минута и навивачите со громогласен аплауз им оддадоа почит на 59-те жртви во трагичната несреќа во Кочани што се случи на 16-ти март.

Велшаните повторно имаа добра шанса, но Висар Муслиу спаси погодок од самата гол-линија. Првиот обид Македонија го имаше преку нововлезениот Дарко Чурлинов, но голманот Дарлоу одлично одбрани. Втората шанса нашиот тим ја имаше преку Езгјан Алиоски, кој биеше крај голот на Велс. Потоа во судиското продолжение следуваше драматичната завршница.

Џо Ален ни подари погодок откако направи грешка и го проигра Бојан Миовски наместо своите соиграчи, а нашиот голгетер погоди во 91-та минута за водство од 1-0. Македонија ја делеа секунди од победа, но во одбраната имавме панична реакција, а тоа му дозволи на Дејвид Брукс да ја пласира топката во нашиот гол во 95-тата минута. Дефанзивец Бојан Димоски беше во добра позиција да ја расчисти топката од самата гол-линија, но ја промаши и му мина низ нозете па заврши во мрежата на Димитриевски за конечни 1-1.

Македонија има за што да жали иако реално Велс денеска беше подобриот тим на теренот. На крајот можеби ремито е најреален исход од натпреварот по кој сега двете репрезентации имаат по четири бодови на врвот во рамки на групата Ј. Казахстан со 0-2 славеше на гостувањето кај Лихтенштајн и има три бода на третото место. Фаворитот Белгија е без бодови, но во овој мартовски квалификациски прозорец не одигра ниту еден натпревар. Лихтенштајн очекувано е последен без бодови и два порази.

Следниот натпревар на нашата репрезентација е на 6.јуни против Белгија во Скопје.

ФОТО: ФФМ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Денес е Велика Сабота – денот меѓу смртта и воскресението

Дејан Дејан

Мајами и Мемфис се последните учесници во плеј-офот во НБА (ВИДЕО)

Дејан Дејан

Огромна брзина е причина за тешката сообраќајна несреќа во која има 3 жртви и 8 повредени, загинал и возачот, вели Тошковски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе