Ако трговците сакаат и се подготвени да ги поевтина дел од производите нека го сторат тоа. За тоа не им требаат преговори ниту пак да чекаат Владата да им даде амин. Дел од економистите со став по вчерашниот предлог од трговците и дистрибутерите, наместо да се ограничуваат маржи, да се намалат цените на 100 до 200 производи кои граѓаните најмногу ги користат. Експертите прашуваат зошто трговците до сега не го сторител тоа, а државата да контролира дали се спроведуваат законите.
Зошто до сега тие тоа не го прават во нивните политички на водење на маркетите. Зошто, им треба владата како гарант да го прават тоа, нека го направат самите тие за сите тие производи нека ги намалат цените и толку и ако имаат стратегија нека го направат, а Владата нека остане да ги контролира пазарните текови, вели за Телма, економскиот аналитичар Абил Бауш.
Економистите сметаат дека воопшто не е добро и тоа што наместо да се преземе нешто, повторно се отворија преговори дали и како да се делува. Велат дека е крајно време да се размислува за долгорочни мерки, затоа што ограничувањата на маржи и цени досега се покажало дека нема да донесат промени.
Вие паритетот или она примарното на пазарот што го имате фер однос кон сите, вие веќе го нарушувате две години. Ова веќе станува некој вид на мерка која што искрено кажано не очекувам дека ќе има голем резултат. Може да има некое мало стабилизирање на инфлацијата но нема резултат на намалување на цените. Редно е да почне да се мисли среднорочно и долгорочном, додава Бауш
И додека се кројат политики како да се скроти скапотијата граѓаните продолжуваат да зборуваат како со парите можат многу малку да испазарат.
Владата пред неколку дена требаше да ги ограничи маржите на 10 отсто за дел од производите, но одлуката се одложи затоа што беше закажан итен состанок со најголемите трговци и дистрибутери во земјава, за да ги изнесат своите аргументи дека тоа е лоша мерка.
Предлагаат наместо тоа, да има намалување на цени на производи кои луѓето секој ден ги купуваат. Дали ова ќе се прифати ќе се одлучува од понеделник. Во меѓувреме статистика измери повторно раст на инфлацијата.
Ирена Чачкова