Фактот дека филмот „Стела“, ќе се користи како средство за учење на македонскиот јазик и за запознавање со културата и природата на Македонија, во рамките на образовните програми во Шведска е едно од повредните признанија за нас, вели режисерот Стојан Вујичиќ.
Свесни за значењето на филмот во едукативен контекст, професорките по македонски јазик Павлина Велјаноска и Тереза Шалевска-Мирчева, кои во Шведска го иницираа проектот ќе забележат дека „Стела“ загатнува важни прашања за врсничкото насилство, за недостигот на емпатија, при тоа низ креативен процес да се истражуваат културните и општествени аспекти на мајчиниот јазик, но и можност за збогатување на лексиката.
Втората работа која што многу ме радува е тоа што ова покажува дека филмот не е еднострана уметност. По илјадити пат го кажувам ова, уште еднаш се докажува дека тоа е нашиот најдобар репрезент на тоа што се случува во нашата земја, во Македонија. Не е филмски фестивал, не е работилница, не е психолошко советување, туку пред се начин децата во Шведска да се запознаат со македонскиот јазик, со убавините на Македонија. Да се запознаат со многу работи кои во Македонија функционираат можеби не како во нивните земји, не значи подобри или полоши, туку едноставно поинакви и да дојдеме до една комплетна инклузија на сето тоа. Во исто време поткрепено со тоа дека во „Стела“ се говори и на германски јазик, но во најголем дел на македонски јазик, вели вујичиќ.
Горд сум што во најголем дел филмот е производ на луѓе кои работат во Македонија, вели Вујичиќ. Беа консултирани и психолози и психијатри, затоа што светот на детската психа бара исклучително сериозен пристап, при тоа вие мора да го задржите вниманието на едно дете и низ начинот на кој говорите што не е нималку лесно.
Во „Стела“ многу внимававме на тоа за да не биде оној јазик кој го говориме во секојдневието, да биде литературен, но доволно разбирлив, затоа што филмот е за дечиња од 4 до 8 години. Не се користат пцости, не се користат тешки зборови, не се користат тешки комплицирани фрази, меѓутоа според мене ја задржавме убавината, ведрината и една музичка звучност на јазикот. И тоа беше зацртано во основната идеја кога го работевме филмот, вели вујичиќ.
„Стела“ е повеќе од филм – тоа е универзален симбол на љубов, храброст и взаемна поддршка, кој ги поврзува генерациите преку својата топлина и автентичност, велат од Дрим Фектори.
Нина Стефанова