Култура

„Фамилијата Адамс“ за поразличните луѓе кои имаат потреба од љубов и семејна сплотеност

На големата сцена на Драмскиот театар, вечерва ќе се одржи премиера на претставата „Фамилијата Адамс“. Претставата ја постави режисерката Теа Беговска, која направи драматизација според култните филмови за ова необично семејство од 1991 година и од 1993 година. А, претставата зборува за тоа дека и поинаквите луѓе меѓу нас имаат длабоки емоции и се посветени на семејството. На синоќешната претпремиера беше наша екипа.

И поразличните луѓе меѓу нас имаат потреба од љубов и семејна сплотеност. Ова е пораката од претставата „Фамилијата Адамс“, што ја постави режисерката Теа Беговска, оживувајќи ги на сцената на Драмски театар, необичните ликови од светски популарната франшиза повеќе од осум децении, чиј двигател се мрачните сили. За таа цел, Беговска направи драмска адаптација според филмовите од 1991 година и 1993 година „Семејството Адамс“ и „Семејните вредности на Адамс“.

„Фамилијата секогаш на прво место, без разлика на целиот хаос, сѐ што се случува надвор. Пред сѐ за нив љубовта е број 1. Односно , еден за друг се секогаш тука за било што“, кажа Теа Беговска, режисерка на претставата.

Низ дејствието публиката следи две линии: Обидот на лудиот иноватор, чичко Фестер, во изведба на Сашо Тасевски, да си ја врати девојката Деби и желбата на ќерката Венсдеј, што ја игра Нина Елзесер, да се омажи со нејзиното момче Лукас.

„Прв пат кај неа се будат некои основни чувства, како на пример страв, чувствува љубов за нејзиното момче Лукас, кој што го толкува Марјан Наумов. И како таа почнува да наликува на мајка ѝ“, рече актерката Нина Елзесер.

„Заљубен во погрешна личност. И тука е неговата трагедија на ликот. Така што тој сѐ прави за да се поврзе со својата сакана. Но, тоа е еднострана љубов“, вели актерот Сашо Тасевски.

Во претставата што изобилува со црн хумор, кој што потекнува од ситуациите и однесувањето на ликовите, стожерот на фамилијата се таткото Гомез, кој го толкува Предраг Павловски и мајката Мортиша, во изведба на Трајанка Илиева Велиќ.

„Има многу љубов кај Мортиша и кај Гомез. И посебно, има таква страстна љубов, кога и да се видат тоа искри, тоа жари сѐ“, кажа актерката Трајанка Илиева Велиќ.

Покрај актерите од Драмски театар, избрани како успешен спој на искуството и младоста, во улогите на духовите настапуваат студенти од ФДУ и од Универзитетот Еуропа Прима. Сценографијата е на Никола Пијанманов, костимите ги креираа Ратка Џамбазовска и Раде Василев, музиката е на Енес Беговски, а кореографија направи Бојан Лазаров.

Според прикажаното, иако е наменета за млади, „Фамилијата Адамс“ е претстава и за возрасни, зашто нè потсетува дека љубовта има вонсериска моќ за позитивни промени кај луѓето.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО) Уникатна изведба на „Кармина Бурана“ со симфониските оркестри од Македонија, Грција и Бугарија

Дејан Дејан

ФОТО/ВИДЕО Кармина Бурана во Софија- Филхармонија заедно со бугарските и грчките колеги изведоа маестрално за стоечки овации

Дејан Дејан

Македонската во заедничка изведба со Софиската филхармонија и Симфонискиот оркестар од Солун на „Кармина Бурана“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе