РЕК Битола целосно испадна од мрежа и од утринава не произведува струја. Па така во моментов во земјава не работи ниту еден енергетски капацитет. Од ЕСМ велат дека прво настанал проблем со вториот, а за некоја минута истото се случило и со првиот блок. Причините се утврдуваат. Надежите се дека во текот на денот ќе проработи централата.
- Во моментов течат операции за повторно вклучување на ТЕ Битола 1 во електроенергетската мрежа. Веднаш по синхронизацијата на ТЕ Битола 1 , во текот на денот ќе почнат операции за вклучување на ТЕ Битола 3. кој согласно планот за производство изминатите денови не беше во функција, пишува во дописот од ЕСМ.
Пред околу две недели директорот на комбинатот Петрушевски се пофали дека со натчовечки напори и ангажирање на сите вработени успеале да го вклучат и третиот блок. Но, тоа траеше кратко. По, само неколку дена едниот се исклучи. Образложението беше дека станува збор за лошо изведен ремонт.
Дали поради случувањата во енергетиката и со цените на берзите може би се размислува за прогласување на кризна состојба на пазарот со струја, Мицкоски конкретно не одговор. Очекува добри вести од РЕК Битола.
- Денеска очекувам да се стабилизира состојбата и да продолжиме со производство гледате се е нормално се функционира нормално, но борба ќе има, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Инаку, пред самиот старт на грејната сезона, новинарите имаа можност да го посетат комбинатот заедно со надлежните. Таму најавија стабилност, дека РЕК Битола во зимскиот период ќе функционира со два блока, но и дека ќе се вклучи и третиот.
- Планираме блокот 1 да го конзервираме да служи како чадна резерва, а во текот на сеозната да работиме со два блока. Доколку во текот на сезоната обезбедиме количини јаглен во декември и јануари ќе биде вклучен и третиот блок, изјави директорот за производство во ЕСМ Зоран Коњановски.
Но, реализацијата на ваквите планови оди тешко. Паралелно за да се покријат домашните потреби течат набавки на струја. Само за декември ЕСМ потроши околу 20 милиони евра за да купи електрична енергија. Приближно толку изнесува и загубата на компанијата.
Ирена Чачкова
