Вести Економија Македонија

7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во нов обид за смена на Комисијата за жалби за јавни набавки, но предлагаат и одземање ингеренции на Бирото. Ниту ДКСК не е консултирана

7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во нов обид за смена на Комисијата за жалби за јавни набавки, се одземаат ингеренции на Бирото, се укинува одредба за транспарентност, а нема ниту потреба од јазичен сертификат

Во иднина, според предлог-законот во скратена постапка поднесена од 7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Бирото за јавни набавки ќе нема право да врши управни контроли врз јавните набавки туку само ќе смее да прави административни проверки пред почеток на тендерот и да дава мислење за тендерските услови. Ова е најголемата суштинска промена во предлог законот за измена на законот за јавни набавки со која пратениците бараат одземање на ингеренции на Бирото за јавни набавки.

Таа ингеренција за управна контрола сега се префрла на Државната комисија за жалби по јавни набавки (која власта еднаш се обиде, па се откажа, па со конкретниот предлог повторно сака да ја промени) и тоа во случај доколку некој од учесниците на тендерот покрене жалба по првичната одлука. Доколку има само еден понудувач кој ќе го добие тендерот тогаш ќе нема кој да поднесе жалба.

Управна контрола е процедура која ја има во актуелниот закон со која се проверуваа веќе завршени тендери поголеми од 500 000 евра за набавка на стоки и услуги односно поголеми од 2 милиони евра за работи.

Последната за јавност позната управна контрола на тендер беше онаа извршена за набавката на еуродизел за ЈСП кога Бирото за јавна набавка нареди поништување на постапката во која имало само еден понудувач. Доколку се усвои новиот закон, предложен од седдумината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, конкретниот тендер за нафта на ЈСП немаше да биде проверуван од Бирото и ќе поминеше мазно бидејќи имаше само еден понудувач и немашѓе кој да поднесе жалба до Комисијата за жалби.

Во образложението на предлог-законот стои „Со предложеното решение управната контрола преоѓа во административна проверка која ќе се реализира пред објавување на огласот, во однос на условите на тендерската документација. Оваа измена се очекува да резултира со ефикасен систем на навремена проверка на условите од тендерската документација и навремено коригирање на недоследностите во истата, пред да се објави огласот.“

Објаснето е и како седумте пратеници -предлагачи очекуваат да функционира нивното решение.

-По објавување на огласот, главниот механизам на контрола е правната заштита која економските оператори ја остваруваат преку Државната комисија за жалби по јавни набавки. При тоа, се менува содржината на записникот од спроведена административна проверка во насока на формулирање на препораки кои Бирото ќе ги даде на договорниот орган, а кои ќе бидат основа Државната комисија да ја провери содржината на тендерската документација по службена должност во случај на вложена жалба од страна на економските оператори, стои во образложението на предлог-законот.

Одредбата за задолжителна контрола на тендери (над 500 илјади евра за стоки и усуги и над 2 милиони евра) сега се менува со само административна проверка, а сумите одговараат на тендери кои се спроведуваат во општините кои сега ќе добијат и пари од унгарскиот кредит, но нема да добијат контрола во случај на тендер да се пријави само еден понудувач и добие.

Сите претставници од невладините кои го набљудуваат процесот за јавни набавки и се дел од антикорупцискиот фронт, а кои Телма ги контактираше не беа информирани за ова ултра брзо решение во законодавниот дом и никој од нив не бил консултиран, а немало ниту јавна расправа. Дури и претседателката на ДКСК не знаеше ништо за овој нов „антикорупциски“ закон на 7-те пратеници од власта.

-Не сум информирана, но утре ќе ги задолжам надлежните за законодавство да го проверат и дадат свој став за предлог-законот. Но, не сме консултирани, ни изјави Татјана Димитровска, претседателка на Антикорупциската.

Но, утре (11.12.2024.) може и да биде доцна бидејќи Собранието може да го усвои законот кој е во скратена постапка и е поднесен во четврток на 5-ти декември, па веднаш по продолжениот празничен викенд е ставен на брза лента и може да се усвои за помалку од седум дена односно со само три работни дена меѓу предавањето на предлогот и изгласувањето.

Ова се коси и со изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во која беше изнесено дека скратените постапки за носење закони ќе бидат минато и само исклучок, а не правило.

-Со целосна имплементација на Деловникот за работа на Собранието, редовната постапка за донесување на законите мора да биде правило, а скратената и итна постапка исклучок. Во целост ќе ја почитуваме деловничката обврска за задолжително вклучување на експертската и стручната јавност, како и на граѓанските организации во работата на собраниските комисии, стои на страна 99, во изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ -Платформа #1198.

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и претходно се обидоа со предлог закон и нови критериуми да ја сменат Комисијата за жалби по јавни набавки, но по реакцииите на Антикорупциската мрежа на невладини се повлекоа. Сега се вратија на намерата, но овојпат и со искористување на слободните денови за Свети Климент.

На листата на предлагачи има 8 имиња, но само 7 потписи. Всушност станува збор за двојно впишување на името на пратеникот Љупчо Пренџов (има само еден негов потпис). Потпишани се и Бојан Стојановски, Антонио Милошоски, Драгана Бојковска, Игор Здравковски, Зоранчо Јованчев и Александар Јамалов.

Во предлогот и натаму тлее идејата да се смени целата Комисија за жалби по јавни набавки, бидејќи е предвидено, таа комисија да се зголеми за уште два члена, правници по вокација и со претседателот да брои 7-мина (досега беа 5). Законот предвидува актуелниот состав да се распушти исто како и во претходниот обид за смена на Законот за јавни набавки и да се избере нов. Со новите членови на Комисијата за жалби се прават и нови трошоци, а во списите е наведено дека измените ќе имаат и финансиски импликации по Буџетот со две нови функционерски плати.

За да се избегнат гафови и фалсификувани сертификати за англиски јазик или некој да пријави дека полагал ТОЕФЛ во школото Јулија во Пловдив (кое не издава такви серификати), предлагачите ја бришат таа одредба за стручно проверено знаење на странски (англиски) јазик и воведуваат услов „активно познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски или германски)“. Нема детали во предлогот како ќе се проверува активното знаење на јазици.

Дополнително, со предлог законот е избришана и обврската на Бирото за јавни набавки да ги објавува своите мислења за јавни набавки на сајтот за да бидат достапни на стручната јавност, фирмите кои учествуваат на тендерите, институциите кои рспишуваат јавни набавки, но ина граѓаните, новинарите и научните истражувачи. Образложението за ова решение, според 7-те предлагачи е  „поради поголема прегледност и можност од пребарување и потребата од континуирано ажурирање на често поставуваните прашања.“

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со бројни антологиски хитови остави неизбришлива трага во современата македонска музика – реакции по смртта на Владо Јаневски

Дејан Дејан

Загинаа пет почетници скокачи, пет инструктори и пилотот – авионот имал дефект паднал вертикално

Дејан Дејан

Ја задушил а потоа тврдел дека му се јавила во сон и му кажала каде да оди да ја спаси – обвинителството бара притвор за мажот кој два дена го криеше телото на сопругата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе