Помош во вид на ваучери или дирека финансиска поддршка на одредена сума пари за најранливите. Во пресрет на креирањето на новата кошничка, дел од познавачите со препораки – со какви други мерки може да им се помогне на граѓаните особено на оние со најтенок буџет да се справат со високите цени. Сметаат дека мерките треба да се таргетирани. Со одлуки со кои исто се третираат и оние со мали и со големи заработки се прави дисторзија на пазарот, а ефектите се минимални.
–Пензионерите имаат различни потреби и потрошувачка кошничка од студентите имаат различна од лицата со посебни потреби. Може да се направи и со ваучери и со располагање на одредена сума и за електрична енергија, намалување на одредена сума на пари, вели за Телма универзитетскиот професор Борче Треновски.
Паралелно треба да се работи и на зголемување на конкуренцијата и домашното производство. Треновски смета дека има простор за промени во мерката Мој ДДВ. На најсиромашните граѓани целосно да им се врати данокот, на побогатите да не им се прави поврат.
–Во развиените земји има систем ако некој граѓанин платил данок, а се наоѓа под нивото на расположлив доход кој се смета за прифатлив државата му ги враќа средствата кои ги платил за данок, додава Треновски.
Треновски како и министерката Кочоска смета дека кошничката е комплексна мерка, која многу тешко може да се контролира.
–Огромни административни трошоци. Секоја кошничка ако се различни производите вие мора да имате различен мониторинг да набљудувате дали се исполнува и може да се јави ризик системот на контрола да каска под она што требаше да биде ефектот, објаснува Треновски.
Откако, заврши есенската кошничка со која беа опфатени околу 70 производи надлежните зборуваа дека мерката дала резултати. Граѓаните пак во анкетите велеа дека кај производите цените или минимално или воопшто не се намалиле. Сега, се подготвува нова, новогодишна кошничка.
Токму цените беа една од темите на конференцијата која се одржа на економскиот факултет во Скопје каде присуствуваа и професори од соседните држави кои зборуваа за глобалните случувања и последиците од нив.
Ирена Чачкова