Овошјето певтинило за 5%, а цената на зеленчукот паднала за 3,3% во октомври споредено со цените од претходниот месец септември, тврди Државниот завод за статистика во последниот месечен извештај за инфлацијата.
Според Статистика, месечната инфлација е во минус односно регистриран е пад на цените од 0,7%. Годишната инфлација е уште во плус и изнесува 3,5% односно цените во октомври оваа година се повисоки за 3,5% од цените во септември 2023-та година.
Индексот на цените на мало пак се намалил на месечно ниво за 0,1% додека на годишно ниво е зголемен за 3.9%.
Покрај храната на негативната месечна инфлација влијаело октомвриското намалување на цените на туристички пакет аранжмани (-10,2%) и услугите за сместување (-8,7%).
Храната во однос на септември, според ДЗ за статистика, во октомври била поевтина за 2,5%, а покрај овошјето и зеленчукот, големо поевтинување е регистрирано и кај месото (-3,6%), прехранбени производи неспомнати на друго место (-3,5%) и лебот и житата (-2,3%). Единствено поскапување е забележано кај маслото за јадење (+0,8% во октомври).
Споед Статистика, на месечно ниво биле намалени и цените на автомобили и моторни возила за 1,1%.
Најголемо поскапување на месечно ниво е забележано во категориите вино (+4,6%), резервни делови за автомобили (+4,%); чистење, поправка и изнајмување облека, и тутун (по 4,1%).
Во продолжение соопштението на Државна статистика:
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во октомври 2024 година, во однос на септември 2024 година, изнесува – 0.7 %.
Намалувањето на инфлацијата во октомври 2024 година, во однос на септември 2024 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Храна и безалкохолни пијалаци за 2.2 %, Ресторани и хотели за 1.5 %, Рекреација и култура за 0.9 %.
Во октомври 2024 година, во однос на септември 2024 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 3.4 %, Облека и обувки за 1.4 %, Транспорт за 0.7 %, Здравје за 0.3 %, Домување, вода, електрика, гас и други горива, разновидни стоки и услуги за 0.2 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата и комуникации за 0.1 %.
Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец. Индексот на цените на мало во октомври 2024 година во однос на септември 2024 година изнесува 99.9.
Индексот на трошоците на животот во октомври 2024 година, во однос на октомври 2023 година, бележи зголемување од 3.5 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.9 %.
