Во услови кога државата одлучила да се трошат и пари од граѓаните за покривање на трошоци за кредити на компаниите, во тој случај Владата јасно и транспарентно треба да им одговори што ќе добијат за возврат. Стигнаа првите коментари од економистите по изјавата на министерката за финансии Кочоска дека дел од трошокот за каматата на кредитите кои ќе бидат пласирани во стопанството од страна на комерцијалните банки, ќе падне на товар на буџетот, кој преку даноци го полнат и граѓаните. Економските сметаат дека Владата е должна да објасни кој ќе биде долгорочниот ефект од сето тоа.
-Ако кредитот се користи за развој на економијата за креирање на нови работни места или пак се некој инфраструктурен проект нормално дека ќе има долгорочен ефект и би можело да се оправда, но ако е за компании кои немаат некој позитивен импакт за целото население тогаш во тој случај би можело да се постави прашањето дали е оправдано ваквото трошење на државните пари, вели Лиза Алчили Сулејмани, професорка на Меѓународен балкански универзитет.
Сметаат и дека е многу важна транспарентноста на државата- во кои компании и за што ќе завршат средствата од унгарските пари.
-Кога имаме задолжување и долг кој останува преку буџетот кај граѓаните тогаш владата треба и мора транспарентно да ги комуницира граѓаните кои е долгорочниот ефект од ваквата политика и ние како граѓани да оцениме дали е во ред или не која е процедурата, кои се условите и селекција на компаниите и добивките да не дојде за одредени компании да се третира како субвенција, додава Сулејмани.
Минатата недела министерката Кочоска рече дека со оглед на тоа што банките го преземаат ризикот инсистирале каматата да ја покрие државата и тие се сложиле на тоа. Само под тие услови банкарите прифатиле да ги пласираат унгарските пари кај стопанството со каматна стапка од 3, 25 отсто. Ова практично значи дека граѓаните ќе учествуваат во кредитот на фирмите, компаниите ќе добијат поволни средства, а на банките државата ќе им го субвенционира кредитниот ризик. Но, се уште со банките се договара рокот за враќање на овие кредити.
Според ,некои груби пресметки, ако се пласираат поголем дел до парите кај фирмите, а рокот на отплата остане 12 со грејс период од 3 години од буџетот за покривање на банкарските трошоци на фирмите ќе бидат потребни близу 100 милиони евра.
Од унгарските пари за стопанството
Ирена Чачкова
