Средната оценка која што може да се извади од предлог извештајот на ЕК за напредокот на Македонија е за многу малку подигната во споредба со претходната година, порача истражувачот во ЕПи, Стефан Ристовски во вечерашната Топ Тема на Телма, посветена токму на извештајот на ЕК.
Средна оценка е за многу малку подигната, за 0,05 проценти заради тоа што, ова и комисијата веќе го објави, и тоа е затоа што скокот на овие поглавја не е за една целосна оценка туку за половина. Тоа што сакам да го потенцирам, и веројатно не е баш видливо во бројките и во нивото на подготвеност а е споредбено со лани и е загрижувачки, е тоа што комисијата за прв пат дава една оценка за слабиот капацитет на секретаријатот, односно сега министерството за европски работи. Поконкретно недостатокот на доволно ресурси да се сноси во процесот на пристапување. Ова е прв пат ваква директна забелешка транспарентно да ја добиеме и треба да нѐ загрижи, сериозно да се посветиме заради тоа што треба да биде како координатор на процесот, дополнително со редовната забелешка околу капацитетите за искористување на европските фондови кои се во Поглавјето 22, заедно комбинираат прашање колку сме ние подготвени да ги искористиме европските средства, рече Ристовски.
Ристовски забележува дека најслабиот напредок е во областите кои ги опфаќаат политиките коишто се поврзани со приклучувањето во единствениот пазар на ЕУ.
Таму се 9 области, за четирите слободи, и уште неколку придружни политики во коишто ние веќе некое време бележиме многу слаб напредок. Оваа година 5 поглавја комисијата буквално вели „не сте ги адресирале препораките, тие што ви ги дадовме лани остануваат исти, рече тој.
Неопходно е да се усогласуваме со европското законодавство, забележа Ристовски, додавајќи дека покрај тоа што мораме да го имплементираме тоа што заостанало уште од минатото, туку и новите директиви кои се усвојуваат поради кои дополнително треба да се усогласуваме. Ристовски порачува дека потребно е вложување во институциите коишто ги имплементираат политиките и таквите забелешки можат да се прочитаат насекаде во овој кластер.