Цената на струјата на отворениот пазар ќе се зголеми во зимските месеци бидејќи Украина чиј енергетски систем е уништен ќе влече струја од Европа а тоа ќе значи дека на пазарот ќе има и помали количини за Македонија, најавува премиерот Мицкоски.
Тој вели дека државата е подготвена и ќе одговори на предизвиците но и истовремено додава дека капацитети за производство се девастирани, во процес на ремонт и со речиси празни хидро инсталации.
Државата ќе мора повторно да се потпре на увоз на струја, а колку тоа ќе не чини никој засега не може да предвиди.
Од почетокот на годинава, заклучно со 15 октомври, државата ЕСМ потроши 31,7 милиони евра за набавка на струја од слободниот пазар. Оваа сума се очекува да се зголеми бидејќи допрва доаѓаат зимските месеци во кои потрошувачката на струја се зголемува а како што кажа и премиерот очекувањата се дека цената за мегават час ќе биде уште повисока.
Гледано по месеци, најмногу пари ЕСМ ќе потроши во јануари – 12,6 милиони евра и минатиот месец – 5,3 милиони евра. Само за првата половина на октомври веќе се платени 4,6 милиони евра на неколку компании од кои се набавува струјата.
Државата ЕСМ годинава купувала струја од 15 различни фирми на кои заклучно со септември платила 27,1 милион евра. Вкупните исплати се од околу 100 илјади евра до речиси шест милиони евра.
Најмногу мегават часови струја купени се од фирмата „ГЕН – И“ на која и се исплатени 5,8 милиони евра а потоа следуваат „ХСЕ МАК ЕНЕРЏИ“ со 4,7 милиони евра, „СОЛЕ 24“ на кого за девет месеци му се платени 4,6 милиони евра и „Данске Комодитис“ со 4,1 милиони евра.
Огнен Чанчаревиќ
