Со 250 милиони евра кои ќе им бидат дадени за изградба на градинки, училишта и други капитални проекти, општините ќе бидат ставени на еден голем тест. Универзитетскиот професор Треновски вели дека парите се тука, но допрва ќе се види дали тие проекти за кои градоначалниците ќе добијат средства ќе се реализираат или повторно само ќе се потрошат, а нема ништо да се направи.
Може да се случи да дојдеме во ситуација, да дојдат парите да не се спроведат услугите на граѓаните и повторно да се вратат долговите, а граѓаните да останат со незадоволени услуги, вели универзитетскиот професор Борче Треновски.
Повтори дека доста од општините немаат стратешки планови, ревизори, инспектори, кадар за работа, а најголем дел од парите со кои располагаат се од централниот буџет.
Овие 250 милиони евра не се единствените пари за Општините. Со ребалансот тие добија средства и од домашниот буџет, околу 100 милиони евра, со кои претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски е убеден дека ќе се решат долгогодишни проблеми.
Ќе бидат многу проблеми решени во образованието, ќе се изградат нови училишта, градинки, сметам дека успешно помина повикот, вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС.
Но, според анализата во подпрограмите на 6 те министерства вкупно во програмите за инфраструктурни проекти на Општините со ребалансот пресметката покажува дека се обезбедени околу 70 милиони евра што е помалку од 100 те милиони кои ги споменува Владата.
250 милиони евра пак кои ќе им бидат дадени за капитални проекти, се пари од кредитот од унгарската Влада. Властите уверуваат дека нема да се потрошат за покривање на долгови, туку ќе бидат за конкретни проекти.
За време на претходната Влада од буџетот на општините им беа доделени над 50 милиони евра за да ги затворат дупките, но и тоа не помогна.
За нив со години се зборува дека се во тешка состојба. Од листите на Министерството за финансии може да се види дека во секој квартал, голем дел од нив се со доспеани, а неподмирени обврски. Граѓаните пак пред секој избори се сведоци на низа програми на политичките партии во кои е испишано што се ќе се преземе и колку пари ќе се дадат за нив да го решат сопствениот хаос.
Ирена Чачкова
