Денеска во Монако беше одржана ждрепката за новиот формат на фудбалската Лига на шампиони. Елитата од оваа сезона ја сочинуваат 36 екипи, кои ќе се натпреваруваат во лига систем. Секој тим доби осум различни противници со кои ќе игра осум натпревари, четири на домашен и четири на гостински терен. Секој бод ќе се важи за една конечна табела, па по осумте одиграни кола првите осум тимови одат во осминафиналето, а оние од 9-тото до 24-тото место ќе играат плеј-оф, дома-гости за место во нокаут фазата.
Актуелниот бранител на трофејот Реал Мадрид на домашен терен ќе игра со ланскиот ривал во финалето Борусија Дортмунд, Милан, Салцбург и Штутгарт, додека на гости ќе се соочи со Ливерпул, Аталанта и француските тимови Лил и Брест.
Манчестер сити дома ќе игра со Интер, Бриж, Феенорд и Спарта Прага, а на гостински терен со ПСЖ, Јувентус, Спортинг Лисабон и Слован Братислава.
Тимовите од поранешна Југославија како Црвена Звезда и Динамо Загреб исто така добија интересни ривали. Белградскиот тим на домашен терен игра со Барселона, Бенфика, ПСВ и Штутгарт, а гостува два пати на „Сан Сиро“ кај Интер и кај Милан, потоа кај Јанг Бојс и Монако.
Динамо има уште потешки ривали, дома со Борусија, Милан, Селтик и Монако, а гостува кај Баерн Минхен, Арсенал, Салцбург и Слован Братислава.
Џирона на нашиот репрезентативец Бојан Миовски ќе игра со Ливерпул, Арсенал, Феенорд и Слован на домашен терен, а ќе гостува кај ПСЖ, Милан, ПСВ и Штурм. Елиф Елмас со неговиот Лајпциг ќе ги пречекаат Ливерпул, Јувентус, Спортинг и Астон Вила, додека ќе гостуваат кај Интер, Атлетико Мадрид, Селтик и Штурм.
Комплетниот распоред на натпреварите ќе биде објавен во сабота. Првото коло се игра во три дена на 17, 18 и 19-ти септември, а од следното второ коло продолжува традиционалниот распоред само вторник и среда од 18:45 часот и 21 часот.