Откако деновиве главна вест од странство е нападот со нож врз девојчиња во школо за танц кој се случи во Саутпорт во Велика Британија, ноќеска и во текот на денот имаше обид за копирање на слична информација и за Македонија односно за градот Охрид.
Повеќе десничарски веб портали и профили на социјални мрежи ноќеска почнаа да споделуваат дека во клубот Хангар на настапот на српскиот пејач Voyage имало 36 повредени односно избодени со нож. Потоа од друг профил беше споделено дека двајца тинејџери загинале од убодите со нож, а триесетина се повредени.
Голема паника се крена пред се меѓу родителите чии малолетни деца или млади тинејџери се на летување во Охрид, а повеќе српски веб портали пренесуваа неточни наводи и дезинформации за случувањата.
Но, таквите наводи се ЛАЖНА ВЕСТ. Нема ниту еден избоден или повреден на целиот настан, на кој како превентивно обезбедување присуствувала и охридската полиција.
-Нашите екипи беа постојано на терен и во постојан контакт со организаторот. Не забележале ниту им бил пријавен инцидент или настан за кој треба полициско дејствување. Немаше никакво нарушување на јавен ред и мир ниту полициска интервенција. Најмалку имаше повредени. Сите тие наводи се неточни и лажни. Единствено точно е дека концертот беше посетен и имаше многу главн помлада публика, ни изјави портпаролот на охридската полиција Стефан Димоски.
Се огласи и самиот пејач Voyage кој тврди дека полицијата му го прекинала концертот наводно од безбедносни причини поради тоа што имало премногу публика и огромна гужва. Беа споделени и видеа.
Од СВР Охрид негираат прекин на концертот или нивна интервенција.
-Немаше ништо такво, повторуваме немаше интервенција иако полицијата беше присутна таму. Немаше потреба. Колку да се знае, од организаторот на концертот бевме известени во 00:05 (5 минути по полноќ) дека забавата е завршена, просторот ќе биде затворен и нема потреба од полициско присуство, истакна Димовски.
Според сознанија на Телма, до охридската Итна помош имало 4 повици за интервенција за млади пијани луѓе на кои им требала лекарска помош. Тројца од клубот Хангар биле префрлени со амбулантни возила, додека 4-тиот пијан малолетник на кого му било лошо, бил префрлен од страна на полицијата и однесен во болницата во Охрид.
Не е реткост, вакви настани да се користат како рекламирање на пејачи и артисти кои некој сопствен концерт го користат за дополнителна промоција приклучувајќи се со сопствени видувања на настанот за кој се објавуваат дезинформации и лажни вести. Дополнително ваквото ширење на лажни вести е показатаел за лошата и слабата медиумска писменост на публиката, но исто така и дека такви наводи често се користат да ја зголемат ранливоста на определени состојби (големи собирања на млади луѓе, забави и слично) или влијаат врз повеќе генерации (родители и деца, турсити, странски туристи).
ЛАЖНА ВЕСТ е дека во Охрид имало инциденти во кои имало 30-тина повредени со нож или дека имало инциденти на концертот на српски пејач.
Миомир Серафиновиќ
Младите не препознаваат лажни вести, најчесто се измамени од насловите