Нова стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот треба да биде изготвена до септември, најави вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи. Ова ќе биде на врвот на политичката агенда, а негови приоритети ќе бидат и ревидирање на плановите за добро владеење и зацврстување на транспарентноста на локалната власт.
Фетаи, кој неодaмна стапи на функцијата, борбата против корупцијата во земjава ја оценува како тешка задача, имајќи ги предвид досегашните извештаи.
„Знаеме дека стратегијата за борба против корупција не е спроведена, односно стапката на спроведување е околу 10%. Најголем дел од институциите целосно го игнорираат тоа, што, нѐ води до она што го кажав претходно, тоа е резултат на недостиг на политичка волја. Имаме добри стратегии, добри закони на хартија, но кога станува збор за спроведувањето, претходната Влада едноставно не била заинтересирана, поради нивни сопствени судири на интереси и нивни сопствени бизниси во институциите“, изјави Арбен Фетаи вицепремиер за добро владеење и транспарентонст
Денеска од првата посета на Гостивар, Фетаи порача дека ќе работат со општините да се осигураат дека тендерските постапки и договорите се објавуваат, со цел граѓаните и компаниите да знаат што прават општините со парите на даночните обврзници.
Локалните самоуправи, пак, ќе овозможат механизми за пријава на корупција.
Инаку, Македонија се најде на 76 место од 180 светски држави според Индексот за перцепција на корупција, кој секоја година го објавува „Транспаренси Итернешнел“.
Данијела Билбиловска