Детската игра повторно се врати на игралиштето во Капиштец. Рано изутрина можеше да се види како малите деца уживаат таму.
„Ова е едно од игралиштата во населба Капиштец каде што во изминатите ноќи група тинејџери ги кршеа реквизитите“.
Граѓаните кои живеат во близина велат дека ова постојано се повторува.
Вината за инцидентот ја гледаат и кај тинејџерите и кај нивните родители.
„Секоја вечер се собираат деца, сигурно имаат над 14 години. Кршат, вадат столици, ги превртуваат лулашките, лом прават секоја вечер. Тоа се хулигани. Не се криви родителите, туку децата се виновни, а исто така и државата што не презема никакви мерки“, вели жител.
„Младите се оставени сами на себе, веројатно немаат занимација. Скапо е веќе по кафулињата, немаат пари за да одат, па целата таа фрустрација ја истураат на тој начин“, вели жител.
„Нешто се случува навечер. Гледам по паркови и такви места, не е пријатно сепак“, вели жител.
„Вината ја гледам кај сите нас и кај домашните и во школството“, вели жител.
Психолозите на случката гледаат без оправдување. Сметаат дека треба да гледаме на глобално ниво затоа што агресивните чинови се зголемуваат се повеќе.
„Јас би го гледала проблемот од повеќе аспекти, сепак тоа не се предучилишни деца или деца во ран училишен период. Тоа се тинејџери кои сѐ уште се во фаза на раст и развој, а родителите се најважната фигура во тие години, но тоа не значи дека тие се виновни за се“ изјави психолог Розалија Секулоска.
Градоначалникот на општина Центар пак вели за зголемување на безбедноста ќе бидат поставени камери на повеќе места во општината.
„И во минатото се случувале вакви настани и на истата локација и на други одредени локации во општината за кои е информирана и МВР. И во минатото имавме повеќе закачени координирани акции со МВР во ноќните часови за да ја подигнеме свеста кај младите за чување на јавното добро“, изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.
Од СВР Скопје велат дека преземаат мерки за утврдување на сторителите.
„Во насока на превенција на вакви настани, раководството на СВР Скопје одржа работен состанок со градоначалникот на општина Центар каде беше договорено заедничко делување во решавање на актуелните проблеми во општина Центар“ изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Пред два дена на социјалните мрежи беше споделена снимка на која се гледа како група тинејџери во доцните часови дивеат во детскиот парк. Снимките покажуваат вандализам и тероризирање на јавниот простор.
Тамара Марковска