Нови закани преку социјални мрежи за претседателката на Уставниот Суд. МВР кое уште го води троецот технички министер Панче Тошковски (ВМРО-ДПМНЕ), Митко Бојмацалиев (СДСМ) и Назим Буши (ДУИ) ни одговорија дека не гледаат зголемување на говорот на омраза преку социјалните мрежи по завршување на изборите. МВР не одговори директно колку говор на омраза шират политичари и партии. МВР уште не поднело кривична пријава за последниот напад врз Кацарска, ниту го открил креаторот на последната закана кон претседателката на Уставниот суд.
-Котелот горе “““““““““ на 360 степени *********. Ај па нека се множат тие ***** “““““. Само бесилка за “““““““ ***********. Тр“““ да те у***** “““““ лежат невини луѓе.
Ова се само неколку од заканите и навредите под ФБ и инстаграм постови кои потикнуваат насилство и генерираат говор на омраза, но Телма ги редактираше и поради непристојните изрази и за да спречи дополнителен говор на омраза.
Серијал закани по социјални мрежи, наведување и потикнување на физички напади и гнасни навреди се шират откако досегашната претседателка на Уставниот Суд Добрила Кацарска во ТОП Тема раскажа повеќе случаи кога била нападната, омаловажувана, навредувана. Преживеала и физички напад на одмор во Грција кога непознато лице ја клоцало неколку дена после првостепената пресуда за екс премиерот Никола Груевски. Имало и други напади.
-Не се чувствувам безбедна, затоа што постојано ова се случува. Се случува на пример да видите како некој се стрчува накај мене се гледа намерата физички да ме нападне, и кога ќе го види обезбедувањето, не само што се повлекува, туку со трчање го напушта местото. И ова сѐ се случува на јавни места, откри Кацарска.
И по нејзината исповед, заканите и промовирањето на насилство продолжиј. На прашање до МВР дали се зголемил говорот на омразата после изборите кон Кацарска или кон други лица, што прават и дали има и јавно потикнување на насилство од политичари и партии, од Министерството тврдат дека ниту има зголемување на такви дела ниту има пријава од Кацарска.
-Лицето Д.К. нема поднесено пријава до Секторот за компјутерски криминал на МВР.
Воедно, на прашањето за зголемување на бројот на кривични дела по чл. 394-г и чл. 144 ст.5 од КЗ на РСМ во периодот по парламентарните и претседателските избори, не е забележан пораст на истите, ни одговорија од МВР.
Од друга страна, МВР досега нема доставено кривична пријава до обвинителството против лицето кое се обиде да ја нападне Кацарска во трговски центар пред десетина дена. Од обвинителството кратко ни одговорија дека МВР не им доставило кривична пријава откако по првичното полициско известување побарале дополнителни истражувања и активности од СВР Скопје.
Инаку, како што веќе објави Телма, напаѓачот кој се заканувал со зборовите ќе одговараш, на 9-ти мај на сопствениот ФБ профил поставил листа од неколкумина меѓу кои и Кацарска, а сите според неговата „пресуда на социјална мрежа“ ќе одговарале. Лицето тогаш беше приведено за загрозување на сигурноста, но од МВР не добивме одговор до каде е нивната истрага наложена од обвинителството.
Вториот случај кога на паркинг местото на Кацарска беше ставен кревет и забоден нож во прекинувач за струја уште не е решен, а полицијата и МВР уште не го откриле лицето кое и се заканувало на претседателката на највисокиот суд во Македонија.
Миомир Серафиновиќ