Култура

Филмските работници против кратењето на буџетот за 2023 година

Филмските работници се сомневаат дека ќе дојде до кратење на буџетот за нивната дејност, за оваа година. Во отворено писмо до Министерството за култура, потпишано од 53 режисери, продуценти, сниматели, монтажери и актери , филмските работници, потпирајќи се на неофицијални информации, се противат на , како што велат, предлогот на Министерството за култура до Владата, за кратење на буџетот за филмска дејност за 2023 година . Најавуваат и протести доколку предлогот биде прифатен од Владата. Отвореното писмо го пренесуваме во целост.

Според неофицијални информации, на предлог од страна на Министерството за култура до Владата на Република Северна Македонија доставен е предлог за кратење на предвидениот годишен буџет за филмска дејност, без претходна најава и без консултација со Агенцијата за филм. 

Дополнително, според нашите информации, Министерството нема да дозволи ниту користење на средствата  од сопствената сметка на Агенцијата за филм на која се акумулираат средства од различни извори.

Доколку овие информации се точни и истите бидат изгласани во Собранието на РСМ, ќе дојде до целосно блокирање на филмската дејност, бидејќи наведените средства се планирани за проекти од национален интерес кои се во тек на реализација.  

На овој начин се нанесува штета на и онака кревката филмска индустрија во Македонија и се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти.

Блокирањето на овие филмови доведува до голема штета врз македонската кинематографија и на интернационално ниво, бидејќи во проектите учествуваат меѓународни продукции кои се финансирани од национални европски фондови и Еуримаж – најголемиот фонд за европски копродукции формиран во рамките на Советот на Европа. 

Континуираната пракса на кратењата на буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм во последните години доведува до системско уништување на дејноста, наспроти зголемувањето на содржините и буџетите во цела Европа.

Сето ова се случува во годините кога македонскиот филм ги постигнува најголемите успеси на интернационално ниво. 

Од Министерството за култура бараме повлекување на предлогот за кратење на средства за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување на користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата.

Во спротивно, ќе немаме друг избор освен нашиот револт да го изразиме со протести и со повлекување на нашите филмови и ТВ серии од кината, платформите и телевизиите во Република Северна Македонија.  

Се надеваме дека нема да бидеме доведени до оваа ситуација и дека предлогот за кратење на средствата за производство на филм ќе биде повлечен од страна на Министерството за култура.

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Бојаџиевска: Дубравка Угрешиќ не можеше да ја поднесе бруталната комерцијализација на уметноста

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе