Вести Култура Македонија

Фондацијата „Славко Јаневски“ револтирана од одговорот на жалбата за финансирањето на „Роман на годината“

Неизвесна е иднината на наградата „Роман на годината“. Фондацијата „Славко Јаневски“ за нејзиното организирање годинава доби за пет пат помалку средства во однос на лани, од Министерството за култура, а по жалбата од Комисијата за одлучување во управна постапка добиле чуден одговор, велат од фондацијата. Тие се револтирани дека критериумите за оценување на „Романот на годината“ во министерството за култура се нејасни.

Во Фондацијата „Славко Јаневски“ се револтирани од односот на Министерството за култура, кое годинава им додели за пет пати помалку средства за наградата „Роман на годината“, во однос на лани. Тоа ја доведува под знак прашање иднината на оваа престижна манифестација во сферата на домашната литература.

Револтот е поради нејасните критериуми според кои е оценета наградата „Роман на годината“ , вели извршниот директор на Фондацијата, Ѕвездан Георгиевски, зашто секоја година конкурираат со исти побарувања на средства до министерството и со иста програма, вклучувајќи и помош од спонзори.

  • Минатата година добивме 281 000 денари, а годинава добивме близу 56 000 денари. Поточно, добивме дел, уште не ни е исплатен уште еден дел за наградата за 2022 година. Она што ја револтира Фондацијата е непрепознавањето на наградата. Првенствено е тоа работа на Министерството за култура, а не на приватна фондација и не е на приватниот бизнис – Ѕвездан Георгиевски- извршен директор на Фoндацијата „Славко Јаневски“.

Во одлуката на Комисијата за литература и издаваштво стоело дека „ Романот на годината“ добил 57 бодови и дека манифестацијата е оценета од 4 категорија , без објаснување зошто, имајќи предвид дека до лани била оценета дека е од прва категорија. На тоа од Фондацијата упатиле жалба до ресорното министерство, преку Комисијата за одлучување во управна постапка, а таа е одбиена со нејасен одговор, вели Георгиевски.

  • Комисијата уште еднаш сериозно ја разгледала апликацијата и не нашле нови докази, што за нас беше чудно. Какви бре нови докази? Не сме приложиле нови докази и затоа останува на своето решение- Ѕвездан Георгиевски- извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Од Министерството за култура велат дека тие учествуваат во подршката на проектите, но не и во нивното целосно финансирање. И дека комисијата која одлучувала во услови на глобална економска криза и намален буџет, била исправена пред предизвикот да се направи коректна селекција, водејќи сметка да се постигне разновидност и да не се наруши традицијата, во случај со манифестациите. Но, Георгиевски смета дека со таков однос, Министерството ја урива традицијата која со натчовечки напори е одржана.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гир: Првиот круг од изборите мина во, генерално, мирна и демократска атмосфера

Дејан Дејан

Европска недела на имунизација- Слушајте ги научниците, не дезинформациите

Дејан Дејан

Гир: Првиот круг на изборите, генерално, мина во мирна и демократска атмосфера

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе