Вести Економија Најважни

Евтина струја преку ден ќе има но од следната година? – ДДВ-то се враќа, ќе донесе ли поскапување на сметките за граѓаните?

Дневна евтина тарифа нема да врти на струјомерите од први јули. Кратко време е за промена на броилата, потврди првиот човек на Регулаторната комисија.

„Броилата по воведувањето на блоковите имаат четири позиции каде што се регистрира скапата тарифа, а сега воведуваме и дополнително и евтина тарифа така да им треба реално време за да ги сетираат сите броила и ние не бегаме од тоа знаеме дека треба време за тоа. Исто така треба и е потребно време да се промени целосно билинг системот за да може да се фактурира евтината тарифа и според тие информации кои што ни ги кажува операторот тоа го прави надворешна фирма коешто фирма не е од Македонија и заради тоа им било потребно далеку повеќе време“, вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Ветувањата за евтина дневна тарифа стигаа од министрите, а првата најава уште на 2-ри мај ја даде токму Бислимовски. Економските министри ја поддржаа и ја надградија идејата, но сега се смени состојбата додека се пресметува новата тарифа. Сите ветуваат дека регулаторната ќе направи цена која нема да ги зголеми сметките на граѓаните. Најмногу ќе зависи од цената која државната ЕСМ ќе ја понуди на тендерот на ЕВН. Во моментот, цена на мегават час е 56 евра.  Вицепремиерот Битиќи вели дека на затворена седница ќе се утврди цената на ЕСМ. Вели зимата повторно доаѓа и се прават анализи, ама цената ја определува регулаторната комисија.

„Бидејќи неизвесноста ни претстои ние внимателно следиме, одлуката секако е на Регулаторна комисија за енергетика. Не е одлука ни моја ни на ниеден министер. Ние ќе ги исполниме сите предуслови коишто треба да бидат исполнети, за да навистина се врати тоа што сметаме дека граѓаните треба да го имаат. На крај регулаторот е тој кој што кажува и за финалната цена. Јас најавив дека не очекувам зголемување на цената “, вели Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

„ Битниот дел е цената по која што ЕСМ ќе ја понуди на тендерот на универзалниот снабдувач и цената која што ќе се добие на тендерот за загубите на електрична енергија во дистрибутивната мрежа. Набавката некаде од ЕСМ изминатиов период изнесува некаде околу преку 200 милиони евра. Значи има сериозно влијание тоа.Исто така и набавката на загубите на електрична енергија исто така има сериозно влијание, некаде за 2022 година изнесува околу 140 милиони евра“, вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Цената на струја за граѓаните ја сочинува производната цена од ЕСМ, на неа се додава маржата на продавачот ЕВН, а дополнително помали цифри се додаваат за преносот на МЕПСО како и за развојот на зелената енергија на државната МЕМО. На крај се пресметува и данок, кој досега беше 10 проценти, но од први јули треба да се врати на нормалната стапка од 18 проценти за ДДВ. Данокот е најголемата мистерија за идната цена на струјата за граѓаните и се уште не е пресметано дали ќе предизвика зголемување на сметките или пак ќе се анулира со намалување на уделот на останатите ставки.

Симона Петровска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рафа на раб на здравствена катастрофа, раселените соочуваат со недостаток на санитарни услови и пристап до чиста вода

Дејан Дејан

Македонија со скок од 19 места во однос на слободата на медиумите, медиумските работници со потпросечни плати и изложени на закани и напади

Дејан Дејан

Тажни сцени пред „Рибникар“: Родителите на убиените деца пристигнаа пред училиштето да оддадат почит на жртвите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе