Вести Македонија Најважни

Почина бебето со туберкулоза, семејството со потпис ја напуштило болницата

Половина час докторите се обидувале да го реанимираат деветмесечното бебе со туберкулоза, но нивните напори не успеале. Вчера попладне му се влошила состојбата откако осум дена воопшто не реагирало на терапијата, веројатно поради напреднатата фаза на болеста кога е донесено на клиниката.

Докторката вели дека не може да се каже дали детето можело да се спаси доколку било третирано порано, но на оваа клиника е донесено во многу тешка состојба. Инфекцијата не била дијагностицирана во рана фаза, иако имало податок дека и мајката боледува од оваа болест и неколку месеци се лекувала на Институтот за белодробни заболувања.

Таткото негираше дека неговото бебе, кое беше донесено во болница со само три килограми тежина било запоставено и неухрането, како што првично се пишуваше во јавноста, туку било предвреме родено. Проверки направиле и социјалните служби во Куманово и констатирале дека нема пропусти во негата и грижата за бебето.

Со потпис од таткото, членовите на семејството кои превентивно беа задржани во Институтот во Козле, вчера ја напуштиле болницата откако дознале за смртта на бебето. Според директорката на одделот за туберкулоза, тие се во добра општа состојба, со уреден белодробен наод, но треба да се вратат утре на доследување затоа што сите четворица се инфицирани, иако немаат симптоми на болеста.

Според информациите на Телма, и Народниот правобранител формирал предмет по сопствена иницијатива, за да се испитаат сите околности на овој случај – почнувајќи од грижата и негата за бебето, па сѐ до делувањето на социјалните служби.

Инаку, и покрај фактот што речиси сите во државата се вакцинирани против оваа болест, туберкулоза има повремено во Македонија. Минатата година имало двајца пациенти на детската клиника, кои биле препратени во Козле и успешно излекувани.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Оваа земја е домот на слободата, порача Трамп во говорот за одбележување на 250 годишнината од основањето на САД

Дејан Дејан

Спасувачките екипи во Венецуела сѐ уште ги пребаруваат урнатините и 10 денови по двата разорни земјотреси

Дејан Дејан

ЦУК: Во изминатото деноноќие регистрирани 17 пожари на отворено, еден е под контрола

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе