Вести Култура

„Театар Куманово“ ќе остане градилиште за 75-от роденден, Министерството за култура не одобри пари за завршување на реконструкцијата

Пред точно пет години, актерите од кумановскиот театар се пожалија пред јавноста оти немаат елементарни услови за работа, а тогашниот објект во кој се продуцираа претставите беше, како што нагласија во распаѓање. Пријатно беа изненадени, позитивно се разбира, од одлуката за целосна реконструкција на зградата во 2020 година која се однесуваше на етапна работа со средства од буџетот предвиден за култура.

„Досега, работата течеше непречено и се заврши со втората фаза која вклучуваше поставување на нова електрична инсталација и водоводна мрежа, по што треба да започне третата фаза која вклучува целосно реновирање на кровната конструкција, со вметнување на дополнителен светлосен мост. Но, оваа година, Театар Куманово не е на листата на приоритетни инвестиции и не доби буџет за продолжување на започнатата и толку важна за нас реконструкција на зградата, која како објект всушност вклучува и две основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“ и во која, во субстандардни услови се бореше за опстанок овој театар дури седум децении“, коментираат актерите од кумановскиот театар.

Се прашуваат и што значи стопирањето на процесот, но и истакнуваат зошто е важно, сега повеќе од било кога „Театар Куманово“ што поскоро да добие своја театарска зграда.

„Оваа година „Театар Куманово“ „слави“ 75 години од постоењето како професионален театар, основан на 15.VII.1948. Пред самиот почеток на нужната реконструкција, зградата на театарот беше во целосен распад – огромни дупки на кровот, провев, распаднати ѕидови, влага, не функционално затоплување, проблеми со глувци, дотраени чиги, стара технологија, единствена просторија за гримиорна и читачки проби без прозори и проветрување, небезбедна сцена, скршени столчиња во гледалиштето, итн. Значи, зборуваме за немање не нормални, туку елементарни услови за работа“, се наведува во нивната реакција.

„Театар Куманово“ нагласуваат тие, заслужува да ја добие реконструкцијата за нормално функционирање на институцијата. Но, одлуката за етапно финансирање, како што велат, значи дека процесот може да трае неколку години, дека може да се развлече до недоглед или да се стопира, како што впрочем, ни се случи годинава.

Дарко Спасов директорот на „Комедија“ поднесе оставка

„Моментно „Театар Куманово“ функционира во склоп на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, во чија зграда всушност паралелно функционираат три институции – Албанска драма, Македонска драма и тековните настани и проекти, концерти, изложби и др културни настани на НУЦК како дел од годишната програма. Зградата не само што нема физички капацитет за три институции со свои програми и продукции, туку има огромен проблем – нема затоплување. Поради овој склоп на околности, „Театар Куманово“ (Македонска и Албанска драма) и тековните настани на НУЦК, сите кои зависат од работа на сцена, се ограничуваат на работа само во топлите месеци, кога на сцена е подносливо и колку-толку издржливо за работа“, велат кумановските актери и укажуваат дека „Театар Куманово“ моментно нема своја гримиорна и фундус и нема можност доволно долго да ги игра претставите кои ги продуцира и да одржи редовен репертоар.

Но, и во такви околности, „Театар Куманово“ годишно остварува и до шест-седум премиери, продуцирајќи претстави и со сопствени средства и беше еден од малкуте театри кои не застанаа со работа во текот на пандемијата на ковид-19.

„Од неодамна „Театар Куманово“ во НУЦК доби свој импровизиран простор (кубус), предвиден исклучиво за проби како привремено решение за нашата ситуација, но поразително далеку од тоа што вистински му треба на еден театар за да воопшто се нарече театар. За да биде поголема иронијата, во годината во која „Театар Куманово“ слави 75 години од постоењето, повеќе од било кога ни е потребен театар како зграда за воопшто да функционираме, да застанеме на нозе, да бидеме доследна конкуренција, да растеме, да напредуваме. Доволно долго зборуваме само за немање елементарни услови за работа, што веќе е понижувачки и обесхрабрувачки. Сакаме да укажеме на итноста да не се пролонгира реконструкцијата на нашиот театар до недоглед. Ние, актерите од ансамблот и сите останати вработени во „Театар Куманово“ изразуваме разочарување од игнорантниот однос од Министерството и укажуваме дека не сакаме и нема да дозволиме да бидеме сведоци на тивкото згаснување на театар кој се бори да опстане цели 75 години, во континуирано неповолни услови“, порачуваат актерите од Куманово.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Една година од масакрот во „Рибникар“, колони луѓе им оддадоа почит на жртвите

Дејан Дејан

Осигурителните компании разочарани откако им го укинаа поскапувањето за регистрација

Сашо Чавдаров

Правoславните христијани го одбележуваат Велики петок – најтажниот ден во годината

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе